Македонија
18. November 2020 - 19:57

Утре совет за безбедност: Ќе се прогласи ли кризна состојба?

Прогласување на кризна состојба во целата држава е една од опциите за справување со коронавирусот. Според информации на Сител ова ќе биде предложено на утрешниот состанок на Советот за безбедност кој ќе заседава напладне кај Претседателот Стево Пендаровски. Покрај редовните членови на седницата поканет е и министерот за здравство. 

Неофицијално Владата ќе побара воведување кризна состојба за да може да се зголеми ангажманот на припадниците на АРМ пред се во одржување на редот и техничка подршка на болниците и клиниките каде последниот период има зголемен број на пациенти со Ковид. 

Ако утре се прогласи кризна состојба тоа не значи дека веднаш ќе има полициски час или карантин. Владата и без Советот за безбедност може да го ограничи движењето. Засега тоа не се планира, но Премиерот Заев најави дека Комисијата за заразни болести размислува и за рестриктивни мерки. Подобри резултати би дал полицискиот час од 17 или 18 часот отколку од 21 бидејќи и сега угостителските објекти се затвораат тоа време. 

Од Владата денеска изјавија дека сите опции за справување со вирусот се отворени.

-Сите опции за справување со Ковид пандемијата се отворени, Владата на вчерашната седница не разговараше за вонредна состојба, но не се исклучува после состанокот на Советот за безбедност Владата до крајот на неделата повторно да одржи седница на која би се донеле нови мерки, изјави Муамет Хоџа, портпарол на Владата.

Инаку од почетокот на Пандемијата  поради распуштеното собрание, шефот на државата донесе 5 одлуки за вонредна состојба во земјава. Доколку утре се прогласи Кризна состојба таа ќе биде прва во оваа Ковид криза.