Бизнис
14. March 2016 - 14:22

Утре последен ден за поднесување годишна даночна пријава

До овој момент 317 илјади граѓани ја исполниле својата обврска и поднеле годишна даночна пријава до Управата за јавни приходи, од кои 1.530 ја искористиле можноста да ја достават по електронски пат преку системот е-Даноци, информира портпаролот на УЈП Весна Новаковиќ.

- Утре е 15 март, последниот ден до кога граѓаните имааат обврска да ја поднесат својата годишна даночна пријава, односно да ги пријават приходите кои ги оствариле во изминатата 2015 година. Ги повикуваме сите граѓани кои се уште не ја извршиле својата обврска тоа да го направат денеска и во текот на утрешниот ден, изјави Новаковиќ.

Таа нагласи дека регионалните дирекции на Управата и даночните канцеларии работат до 18 часот, а Контакт центарот на УЈП до 20 часот. Појасни дека обврска за пријавување има секој што остварил дополнителен приход надвор од својата плата или пензија и додаде дека во пријавата се внесуваат и приходите остварени од плата и пензија.

- Граѓаните при пополнувањето на пријавата ги користат податоците од пресметките кои ги добиваат од страна на работодавачите и врз основа на нив се пополнува и Годишната даночна пријава. Во неа се пријавуваат и дел од приходите остварени од земјоделска и самостојна дејност. За сите нејаснотии со кои граѓаните ќе се соочат при пополнувањето на пријавата, односно дали некој приход треба да се пријави или не, можат да се обратат до Инфоцентарот на УЈП на телефонот 080033000. Помош при пополнувањето на пријавата можат да им пружат и тимовите на УЈП во даночните канцеларии, појасни Новаковиќ.

Истакна дека за оние граѓани кои нема да ја исполнат својата обврска се предвидени казни во износ од 100 до 200 евра во денарска противвредност.

- Законот предвидува казна за оние кои нема да поднесат пријава, но и за оние кои нецелосно ги пријавиле приходите. При обработката на пријавите се гледа која е намерна, а која ненамерна грешка, бидејќи лесно е воочливо ако има разлика во она што го пријавиле граѓаните и извештаите на исплатувачите на приходите, рече Новаковиќ.

Законо предвидува и исплатувачите на приходите во законскиот рок на граѓаните да им достават пресметки со податоците за бруто приходите, платените придонеси и платениот персонален данок. Доколку тоа не го направат предвидени се казни и за нив.

- Доколку, пак, граѓаните се соочат со проблем некој од исплатувачите да не им издаде пресметка, тоа треба да го пријават на бесплатната линија 198. Но, се препорачува и во годишната даночна пријава да го наведат како забелешка дека пресметката не им била дадена од страна на исплатувачот. Во случај граѓанинот веќе да поднел даночна пријава, но во меѓувреме заборавил дека треба  да пријави некој дополнителен приход или пресметката од исплатувачот подоцна стигнала, се поднесува исправка на годишната даночна пријава, односно истата пријава се пополнува со точните податоци, потенцира Новаковиќ.

Исправката, појасни, може да се поднесе и по истекот на крајниот рок за поднесување на годишната даночна пријава, но во најкраток можен период.

Најголем број од 320 илјади на даночни пријави се поднесени во Контакт центарот на УЈП и тоа 77.866, а потоа следат даночните канцеларии во Штип со 68.999, Скопје со 51.936, Битола со 56.253, Кавадарци со 37.610 и Тетово со 22.562 пријави.