Македонија
2. December 2019 - 16:57

Утре почнува судењето за случајот „Рекет“, Боки 13 повторно во притвор

Поранешната специјална обвинителка Катица Јанева не се чувствува виновна. Нејзината одбрана за Сител вели дека таа ги информирала оти на почетокот на утрешното судење, нема да признае вина за случајот „Рекет“.

„Јанева стои на ставот дека обвинителството за гонење организиран криминал и корупција нема докази дека го сторила кривичното дело за кое се гони, а тоа ќе го докажува во текот на судската постапка“, вели нејзиниот адвокат, Дељо Кадиев.

Јанева во судот ќе пристигне од домашен притвор. И Зоран Милевски – Кичеец поканата за судење ја добил на домашната адреса. Двајцата беа ослободени по жалбите упатени до судија на претходна постапка и Апелациониот суд. 

Стартот на судењето за Рекет, Бојан Јовановски ќе го дочека во истражниот затвор „Скопје“. По викендот минат во болница, Боки 13 е вратен во Шутка, а по совет од лекарите во градската општа болница му е препишана соодветна терапија. Апелациониот суд во следните два дена ќе одлучува по неговатата жалба со која бара укинување на притворот заради влошено здравје.

Јовановски, Јанева и Кичеец се обвинети дека го рекетирале бизнисменот Орце Камчев кој исплатил еден и пол милион евра за специјалното обвинителство да му го укине притворот а подоцна и да му издаде времен пасош. Според обвинението, во тоа посредувала Јанева за што добила мебел вреден 290 илјади денари и уште 50 илјади евра. Обвинителството ја товари за примање награда и злоупотреба на службената положба.