Македонија
28. August 2020 - 21:27

Утре почнува изборот на новата Влада, и Насер Зибери ќе добие функција

Силни аргументи и гаранции дека следните 4 години ќе бидат успешни. Вака мандатарот Зоран Заев опишува како се подоготвува за своето второ експозе во парламентот каде утре почнува седницата за избор на неговата Влада. Освен биографиите од владиниот кабиент, дебатата ќе се фокусира и на владината програма.  Акцентот ќе биде ставен на справување со здравствената криза, подобрување на животниот стандард на граѓаните, борбата со криминалот и корупцијата.

Опозицијата ќе биде присутна на седницата и активно ќе учествува.

„Апсолутно ќе учествуваме и ќе гласаме против. Во таа дебата во која ќе учествуваме имаме илјадници, илјадници причини каде што ќе дебатираме за старо новите кадри, криминални кадри на СДСМ кои што се исполнети со криминални афери, со непотизам и со ред други афери и скандали кои што ги следеа изминатите неколку години“, рече Димче Арсовски.

Според Деловникот, пленарната седница за избор на влада трае два дена што значи дека државата ќе добие владин кабинет со 19 министерства до недела на полноќ.  Но распредлабата на државничките фунцкии не завршува тука. За 10 дена од тогаш треба да се очекуваат заменичките министерски места, а до крајот на септември и директориските.

„Во претходната Влада јас станав премиер на 1 јуни 2017, а тоа го одлучувавме некаде во август, зошто, заради тоа што не се прави груба распределба кој каде ќе има одговорност туку кадрите кои се нудат на маса како потенцијал кој што ги имаме. Секако не само политичките партии, туку и експертите и професионалците во државата и така ќе ги утврдуваме“, рече Заев.

Во распределбата на колачот ќе учествува и Насер Зибери, кандидатот на ДУИ за премиер кој не успеа да стигне до оваа позиција. Според информациите на тв21 тој во декември ќе го наследи Иџет Мемети на местото народен правобранител за наредните 8 години.

Иако првично коалицијата СДСМ-ДУИ планираше пет собраниски потпретседатели, бројката ќе се сведе на тројца. Откако вчера ВМРО-ДПМНЕ потврди дека се откажува од свој кандидат за заменик на собранискиот спикер Џафери, денеска мандатарот Заев вели дека овој чекор ќе го следи и неговата партија.