Македонија
14. October 2019 - 16:47

Утре нова средба на македонско - бугарската мешовита комисија за историски прашања

И покрај тоа што македонските историчари повеќе пати нагласуваа дека политичарите треба да се држат настрана од процесот, ден пред новата средба на мешовитата македонско - бугарска комисија, премиерот Зоран Заев на средба со членовите од македонскиот тим.

Придружуван од неговите советници за надворешна политика и претставници од кабинетот на министерот за надворешни работи Димитров, Заев денеска се информира за работата на Комисијата и за спорните прашања кои ја кочат работата.

Од Владата информираат дека средбата е од работен карактер и доаѓа пред утрешниот нов обид да се постигне компромис меѓу македонските и бугарските историчари.

Разговорите се вжештија околу две теми за кои засега нема договор – Гоце Делчев и средновековната историја.

Бугарските власти во повеќе наврати бараат што побрз договор за историските прашања, а нивното решавање го условија и со бугарска поддршка за евроинтеграцијата на земјава.

Официјална Софија се закани дека влез во Европската Унија за Македонија ќе нема, доколку не се откаже од тврдењата за македонско малцинство во Бугарија.

Серијата услови содржи и корекција на учебниците по историја и географија, како и отстранување на квалификативот „бугарски фашистички окупатор“, од сите текстови на споменици и спомен-плочи.