Македонија
3. August 2020 - 12:38

Утре конститутивна седница на собранието

Утре точно на пладне во Големата купола на македонското Собрание под посебни протоколи ќе се одржи конститутивната седница која ќе го официјализира десеттиот парламентарен состав во македонската политичка историја. Со тоа и официјално ќе почне да тече рокот од 10 дена во кој Претседателот Пендаровски е должен да му го довери мандатот на кандидатот на коалицијата која ќе обезбеди мнозинство во Собранието. Штом го добие мандатот, согласно Уставот новиот мандатар има рок од 20 дена да му го достави предлогот за составот на новата Влада на Собранието, по што почнува да тече рокот од 15 дена во кој треба да се закаже собраниската седница за избор на нова Влада која пак не може да трае повеќе од два дена.

Доколку било која од партиите успее да формира мнозинство и се реши до крај да ги потроши сите рокови, тогаш новата Влада би била избрана некаде на 20 септември. Иако пред изборите се тврдеше дека тие мора да се организираат брзо за да може брзо да се формира влада кој ќе се справува со корона вирусот, денес политичките лидери велат дека ќе чекаат да се конституира Собранието за официјално да почнат со преговорите. Статистиката од македонската политичка историја вели дека во просек од денот на изборите до формирањето на новата Влада во просек поминуваат по 64 дена, но оваа бројка е висока бидејќи меѓу изборите и изборот на нова Влада во претходниот изборен процес помина дури 171 ден. Без овие избори, сите македонски влади се формирале во период меѓу 47 и 53 дена по гласањето.

Оние кои редовно ги следат овие процеси паметат и многу поекспедитивни ситуации како на пример во 98 година кога на тогашниот мандатар му требале само 29 дена за да влезе во најголемата канцеларија на Илинденска. Изборите се одржаа пред точн0 19 дена, а според официјалните резултати коалицијата на СДСМ освои 46 мандати, ВМРО-ДПМНЕ два помалку, 15 столчиња резервираше ДУИ, 12 Алијансата на Села, 2 пратеника ќе има Левица и еден ДПА.