Македонија
5. November 2018 - 16:39

Утре комисија ќе расправа за пратеничкиот мандат на Груевски

Екс премиерот Никола Груевски ја доби одлуката од судијата за извршување санкции според која му се одбива молбата за одложување на затворската казна. Тој од денеска па во следните три дена има право на жалба која треба да ја разгледува Кривичниот совет. Од Основниот суд Скопје 1 велат дека ова може да ја одложи постапката за извршување на затворската казна. Ако Кривичниот совет ја добие жалбата на последниот ден од жалбениот рок, и потребното време од три дена за одлука по барањето, престанува важноста на упатниот акт според кој Груевски на 8 ноември треба да се јави во затворот Шутка. Денеска, Поранешниот премиер, не ја коментираше одлуката на судијата за санкции ниту следните чекори за преиспитување на пресудата кои претходно тој ги најави.

Собранието утре ја почнува процедурата за одземање на пратеничкиот мандат на Никола Груевски. Постапката најпрво ќе ја води комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања. Ова следи откако Кривичниот суд го извести Собранието за донесената пресуда од две години затвор за пратеникот Груевски во предметот на СЈО, за набавка на блиндираниот мерцедес.

Комисијата треба да одлучи дали ќе го одземе пратеничкиот мандат поради кривично дело за кое според собранискиот деловник е услов за одземање на мандатот. Одлуката на комисијата за мандатно-имунитетни прашања потоа ќе се разгледува на пленарна седница. За одземање на пратеничкиот мандат е потребно двотретинско мнозинство. Според изјавите на новоформираната пратеничка група со чии гласови се одобрија уставните измени, овој пат таа нема да гласа за одземање на мандатот на поранешниот премиер Груевски.