Македонија
21. јуни 2019 - 16:36

Утре ќе се отстрануваат дивите градби во старата скопска чаршија

Сопствениците сами ги рушат диво изградените тераси во старата скопска чаршија. По извршениот инспекциски надзор, било утврдено дека речиси сите угостители без дозвола поставиле летни тераси.  Казните се по 5000 евра а доколку самите не ги отстранат ќе платат и за трошоците за рушење. На последниот ден од рокот кој го изрекоа инспекторите на општините Центар и Чаир, во чаршијата само еден од сопствениците работеше на отстранување. Пред камера не сакаа да зборуваат но дел од нив  за Сител велат, дека оваа сезона иако побарале  не добиле дозвола од локалните власти под изговор дека ќе се реновирала калдрмата во Чаршијата.

Градоначалникот на Чаир на почетокот од неделава предупреди дека нема да дозволи незаконско работење во општината.

 „Градоначалникот Ганиу им гарантира на граѓаните дека никој нема да биде поштеден и над законот. По рокот за реакција од страна на самите сопственици, инспекторите и полициските службеници ќе ги отстранат незаконски поставените тераси и за истите ќе бидат изречени соодветните казни.

Пред угостителските објекти ќе останат маси, столчиња а ќе можат да постават и чадори за сонце велат инспекторите.

Општина Центар акција за рушење спроведе минатата недела и во Дебар Маало каде беа отстранети диви летни тераси.