Балкан
9. јуни 2021 - 13:43

Утре генерален штрајк во Грција

Новиот закон за работни односи, за кој синдикатите сметаат дека, меѓу другото, го укинува осумчасовното работно време, е причината за утре да закажат 24-часовен генерален штрајк, што ќе ја парализира Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

Штрајкот што ќе започне во шест часот наутро, а го организираат Синдикатот на вработените во јавниот сектор (АДЕДИ) и Синдикатот на вработените во приватниот сектор (ГСЕЕ), учествува и Синдикатот ПАМЕ на Комунистичката партија, ќе создаде проблеми во бродскиот и железничкиот сообраќај во Грција, во јавниот превоз во Атина, но и во информирањето на граѓаните.

Учествуваат и вработените во медиумите, во приватните и државните, со што Грција утре ќе биде без информативни емисии и без вести.

Бродовите ќе останат закотвени на пристаништата, возовите на железничките станици, а во Атина ќе функционираат само автобусите и тоа само 12 часа, а метрото, трамвајот и тролејбусите нема да возат.

Во штрајкот учествуваат и вработените во државните болници, во брзата помош, професорите и наставниците, како и државните службеници.

Во рамките на 24-часовниот штрајк закажани се протести во Атина и други грчки градови, а на протест повикаа и од опозициската СИРИЗА.