Македонија
3. February 2016 - 10:46

Усвоена инвестициската програма на ЈП „Комуналец“ од Битола

Јавното комунално претпријатие „Комуналец“ од Битола ја утврди инвестициската програма за набавка на нова опрема за собирање комунален отпад и селектиран отпад. За таа намена ќе бидат вложени 11,5 милиони денари.

Од претпријатието информираат дека со планираните средства ќе бидат набавени специјално возило за собирање и транспортирање на комунален отпад со капацитет на надградба од 16м3, камион без надградба, 50 метални контејнери, 20 пластични контејнери, 700 пластични канти, 20 контејнери за стаклена амбалажа, изградба на еко острови, комплетно сервисирање на пајак возилото и набавка на ново.

- Покрај редовните активности од Програмата на одржување на јавното зеленило во 2016 година, планирани се голем број на активности што ќе бидат во насока на подигнување на нови зелени површини, реконструкција и доуредување на постоечките објекти со садници од мини ружи, изработка на фонтани и други активности согласно проектите на Владата на Република Македонија, истакна Зоран Соклевски, директор на „Комуналец“.

Во текот на годината, Секторот за јавно зеленило меѓу другото планира аранжирање на нов дрворед со декоративен камен во градското шеталиште, уредување на булеварското зеленило, изработка на фонтани во детскиот парк и наспроти кружниот тек „Безистен“, хортикултурно уредување на повеќе локации во градот, како и изградба на детски паркови во селата Граешница и Кишава.

- Со новата програма што ја усвои Советот на општина Битола, планираме во Одделението за одржувањето на зелените површини и Одделот за расадничко производство каде се одгледуваат зимзелени и листопадни декоративни садници да се посадат нови 2.000 парчиња едногодишни декоративни садници од различни видови на зимзелени садници, 1.000 парчиња листопадни едногодишни садници од различни видови и 1.000 мини ружи во различни бои, посочи Соклевски.

Од претпријатието потврдуваат дека работата на депонија годинава ќе продолжи според планот и програмата за депонирање на комунален отпад во депонија Мегленци (2014-2019) и Проектот за мониторинг на депонијата. Вкупните предвидени количини на депониран отпад се околу 30.000 тони на годишно ниво.

Ново на Сител