Усвоен извештајот до УНЕСКО за реализација на активности за зачувување на природното и културното наследство во Охридскиот регион
Владата на денешната седница го усвои Извештајот за степенот на реализација на препораките и преземените активности за зачувување на статусот УНЕСКО – Светско наследство на природното и културното наследство во Охридскиот регион.
Како што соопшти владината прес-служба во извештајот до УНЕСКО се констатира дека Македонија останува цврсто посветена на зачувување на статусот на Светско наследство за Природното и културно наследство во Охридскиот регион, и се истакнуваат заложбите со кои значително се интензивираа активности за спроведување на Одлуката на Комитетот за светско наследство, за исполнување на препораките на Реактивната мониторинг мисија, како и продлабочувањето на билатералната соработка со Република Албанија во насока на заедничко управување со природното и културно наследство во Охридскиот регион.
Во текот на извештајниот период, како што се наведува, е донесен Планот за управување со природното и културното наследство во Охридскиот регион (2020-2029) и е спроведена и Стратегиска оцена на влијанијата врз животната средина и културното наследство. Државата, како што се посочува, исто така изработи инвентар на бесправно изградени објекти на територијата на Охридскиот регион со што се остварени предусловите да се премине на изработка на Оценка на влијанието врз животната средина (ОВЖС) и Оценка на влијание на културното наследство (ХИА).
Дополнително, отпочната е санацијата и рехабилитацијата на колекторскиот систем на Охридското Езеро, за што се обезбедени преку четири милиони евра, средства од државниот буџет за изведување на работите, и продолжен е проектот за пренасочување на течението на реката Сатеска.
Од седницата на Владата денеска произлезе и заклучокот со кој Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам се задолжува да изврши надзор над изградбата на градби од прва категорија на подрачјето на општините Охрид и Струга, и да провери дали градежните инспектори ги извршуваат своите обврски согласно Законот за градење, и да достави за сето тоа информација до Владата до наредната седница.
Ново на Сител
-
Александар Ѓорчевски со нова жалба пред Врховен
-
Почина Велибор Џаровски - Џаро
-
Приведен тетовец баран со потерница
-
Ограбено тетовско казино, уапсени две лица
-
Судот на БИХ одреди притвор за три лица уапсени под сомнение дека соработувале со картел кој шверцувал дрога од Латинска Америка во Европа
-
ОН: Речиси 282 милиони луѓе ширум светот се соочиле со акутен глад во 2023 година
-
Папата Франциск за конфликтите во Украина и Газа: Договорен мир е подобар од бескрајна војна
-
Барселона го одврати Чави од заминување, нов договор до 2025-та