Македонија
29. December 2016 - 22:41

Усвоен буџетот на Општина Гевгелија за 2017 година

Вкупно 862,5 милиони денари или 14 милиони евра изнесува буџетот на Општина Гевгелија за 2017 година пто денеска на седница го усвои Советот.

Според Одделението за финансии, ваквата финансиска рамка ќе се реализира од планираните приходи на основниот буџет кои изнесуваат 536,3 милиони денари, од дотации во висина од околу 200 милиони денари, од 26,7 милиони денари донации и од околу 15,5 милиони денари од самофинансирачки активности.

- Капиталните расходи учествуваат со 55,8 отсто во вкупниот буџет, односно со 64,81отсто од основниот буџет со што се задржува неговата развојна компонента. Покрај изградбата на новиот водоснабдитетлен систем, најголеми ставки од буџетот ќе бидат наменети за изградба и реконструкција на локални патишта, на системи за отпадни води и други проекти од интерес на граѓаните, рече во своето обраќање градоначалникот Иван Франгов.

Во приходите на буџетот за идната година влегува и кредитот од Светска банка вреден 84 милиони денари, наменет за новиот водоснабдителен систем чија изградба ќе почне на почетокот од 2017 година.

Како што беше истакнато на седницата, последна за оваа година, голем дел од планираните активности и проекти во буџетот произлегоа од средбите на гевгелискиот градоначалник со граѓаните во сите населени места на Општина Гевгелија.