Македонија
31. January 2017 - 15:32

Уставот без јасни одредби – не е предвидено што доколку мандатарот не состави влада

Во македонскиот устав нема јасна одредба што да се прави откако мандатарот нема да состави Влада во предвидениот рок.
 
Единствено со членот 90 се дефинира дека Претседателот на Република Македонија е должен во рок од десет дена од конституирањето на Собранието мандатот за состав на Владата да го довери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието, а Мандаторот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата.
 
Но, во македонскиот устав нема предвидено ситуација што доколку тоа не е случи, ниту пак е предвидена обврска на Претседателот на Републиката за консултации.
 
За разлика од Македонија, во уставите на земјите од регионот таквата обврска е јасно наведена.
 
Согласно Уставот на Република Србија, член 112, Претседателот на Републиката на Народното Собрание му предлага кандидат за претседател на Влада, откако ќе ги сослуша мислењата на претставниците избрани на изборните листи. Според членот 127, кандидатот за претседател на Влада на Народното Собрание му го предлага претседателот на Републиката, откако ќе ги сослуша мислењата на претставниците избрани на изборните листи. Дополнително, оваа проблематика е регулирана и со посебен Закон за Претседател, кој во членот 18 предвидува дека Претседателот на Републиката е должен на Народното собрание да го предложи оној кандидат за претседател на Влада кој може да обезбеди избор на Влада.
 
Во Уставот на Република Бугарија, член 99, се предвидува дека Претседателот, по консултации со парламентарните групи, на кандидатот за премиер, предложен од најголемата по бројност парламентарна група, му го доделува мандатот да состави Влада. Понатаму во ставот 2 од истиот член, е предвидено и сценариото доколку мандатарот не успее да состави Влада. Ако во рок од 7 дена, кандидатот за премиер не успее да состави Влада, Претседателот му го доделува мандатот на кандидатот за премиер предложен од втората по бројност парламентарна група. Ако и во тој случај не биде предложен состав на новата Влада, Претседателот мандатот му го доверува на некоја од помалите парламентарни групи. Доколку и во овој случај не се постигне согласност за состав на Владата, Претседателот назначува службена Влада, го распушта Собранието и закажува нови избори.
 
Во хрватскиот устав, во членот 98, е наведено дека Претседателот на Републиката го доверува мандатот за состав на Влада на личноста која, врз основа на распределбата на пратенички места во хрватскиот сабор и обавените консултации, ужива доверба кај мнозинството од пратениците. Членот 110 дава рок од 30 дена за мандатарот, по добивањето на мандатот, да ја претстави програмата на Владата во хрватскиот сабор и да побара гласање. Доколку во овој рок не состави влада, мандатарот може да добие продолжување на рокот за состав на влада до 30 дена. Доколку ни во тој рок не успее да состави влада, го доделува мандатот за состав на Влада на друго лице. Доколку ни во тој случај не биде составена влада, претседателот на Републиката именува привремена непартиска влада и распишува предвремени избори.