Македонија
2. December 2025 - 16:34

Уставните судии имаат три опции за линеарното зголемување на пензиите, вели Мицкоски

Како последното линеарно зголемување на пензиите ќе биде неуставно, а претходните уставни? – праша премиерот Мицкоски. Според него, судиите имаат три опции при одлучувањето.

„Првата е линеарните зголемувања да ги прогласат за неуставни што значи дека 75 отсто од пензионерите од 1 јануари ќе имаат за 3 до 4 илјади денари пониски пензии. Втората опција е да најдат некоја, за мене бледа, неправна логика, следното зголемување да го прогласат за неуставно, а се претходно да биде уставно, што за мене, еве јас не сум правник, но, консултирав правници делува смешно. И третата опција е да ги прогласат за уставни“ – изјави Христијан Мицкоски, премиер.

Од Уставниот суд кажаа дека двете зголемувања од по 2.500 денари нема да ги разгледуваат бидејќи биле привремени и тој закон веќе не е во сила. Одлука за новото линеарно нема затоа што се уште се собираат мислења.

Ова следи откако Судот реши на сопствена иницијатива да испитува дали илјадарката исплатена во октомври и таа што допрва треба да се исплати во април, се во согласност со Уставот.

Вчера стотина пензионери се собраа пред зградата на Уставен, барајќи да не се укинува овој начин на покачување. Најавија дека следната недела пак ќе протестираат.

Инаку просечната пензија сега изнесува нешто над 27 илјади денари.

Најголем број пензионери, над 36%, земаат пензија од 19 до 23 илјади денари.