Македонија
14. October 2018 - 16:07

Уставните измени утре на пленарна седница - изборот е двотретинско мнозинство или предвремени избори

Процедурата за измени на Уставот утре се сели на пленарна седница. Народните избраници според собранискиот деловник за оваа точка може да дискуираат најмногу 10 дена, но времетрањето на седница ќе зависи од бројот на пријавени пратеници за збор. По исцрпување на оваа листа, за заокружување на првата фаза, предложените амандмани ќе треба да добијат поддршка од најмалку 80 пратеници. Уставните измени во Собранието треба да поминат вкупно три фази, кои според пропишаните рокови може да траат до 110 дена. Законската процедута може да биде запазена и со скратување на овие рокови, но и во таков случај уставните измени би стапиле на сила најрано во јануари.  

Токму утрешната собраниска седница ќе треба да ги разјасни дилемите дали до почетокот на идната година Македонија ќе го промени Уставот или до крајот на оваа година ќе избира нов пратенички состав.

Сепак и последниот ден минува без промена на партиските ставови. СДСМ ја повикува опозиција да ги поддржи уставните измени, со кои тврдат дека Македонија не губи ништо, туку обезбедува сигурна иднина во НАТО и Европската унија.

За ВМРО-ДПМНЕ предвремени избори се единствениот начин граѓаните да ја одредат иднината на земјата.

И покрај ваквите дијаметрално спротивни ставови на партиите, политичките аналитичари сепак оставаат простор за можноста власта да обезбеди 2/3 мнозинство.

 Божиновски  и Муслиу се со различен став и околу можноста предвремените избори да ја разрешат политичката криза  по референдумот.

Додавање на придавката северна пред името Македонија, измени во Преамбулата во делот на АСНОМ, зацврстување на границите и грижа за македонските државјани во странство, се 4-те суштински измени на Уставот кои ги утврди Владата. Амандманите во петокот беа поддржани од собраниската комсија за уставни прашања, а утре ќе се најдат пред сите пратеници на пленарна седница.