Македонија
29. November 2019 - 17:02

Уставниот суд ќе расправа за амнестијата на Иванов

Уставниот суд ќе оценува дали екс петседателот Иванов пред три години имал законска основа да ги повлече амнестиите.

Шест уставни судии на последната седница ја поддржале иницијативата за преиспитување на уставноста на членот 11 а од Законот за помилување, кој Собранието во 2016та го донесе со цел да му овозможи на Иванов да ги повлече амнестиите. Во овој член пратениците му дадоа можност на претседателот во рокмод 30 дена од денот на донесувањето на законот да го поништи помилувањето без претходна постапка.

Ставот на шесте уставни судии е сосема спротивен – еднаш дадена амнестија не може да биде повлечена.

Поништувањето  на овој член ќе значи повторно активирање на амнестиите за 56 поранешни функционери опфатени во предметите на Специјалното обвинителство. веќе донесените пресуди ќе се поништат, а за обвинетите и осомничените лица ќе запрат постапките.

Претседателот Пендаровски вели дека овој чекот е директен напад врз демократијата и правната држава. Шефот на државата ги повика уставните судии да ја преиспитаат вакавата одлука пред да биде доцна.

Навистина сакам да апелирам до тие луѓе да се свестат, да сфатат што почнале да прават, да се повлечат на време, затоа што правната држава која во меѓувреме со многу маки ја обновуваме во Република Северна Македонија сигурно ќе најде механизми, правни механизми – таа одлука и ако ја донесат, да не биде практично имплементирана, бидејќи тоа ќе биде погубно не само за нашите евроатлански интеграции, туку ќе биде и директен удар на правната држава, директно ќе ги погоди човековите слободи и права и тоа секој разумен и одговорен  политичар и институција во оваа земја нема да го дозволи, вели Пендаровски.

Министерката Дескоска пак спасот го гледа во пратениците. Најавува дека Владата ќе бара од Собранието автентично толкување на овој член од законот, за како што вели да се спречат секојдневните обиди за избегнување на правдата.  

Во рацете на Собранието е еднаш за секогаш да го затвори ова прашање и да оневозможи оживување на незаконските помилувања на Иванов. Министерството за правда ќе поднесе иницијатива до Владата да побара автентично толкување од Собранието, но тоа секако уште денес можат да го сторат и пратениците кои покрај барање за автентично толкување може да бараат и итна седница на Собранието за ова прашање. На ова прашање ќе се види кој е за правда и казни за оние кои се огрешиле од законот, а кој е за амнестија и помилување. На ова прашање ќе се види кој го разбира концептот на нулта корупција како концепт на казнивост на корупцијата, а кој како концепт на помилување на корупцијата. Пред пратениците од сите пратенички групи е како ќе се постават во овој случај – како поддржувачи и застапници на правдата или како слуги на криминалот, истакна Дескоска.

Точката на дневен ред се очекува Уставниот суд да ја стави за најмалку еден месец, откако од Собранието ќе го добие автентичното толкување на членот 11 а од Законот за помилување.