Македонија
18. January 2022 - 15:58

Уставниот суд ја одржа првата седница годинава, присуствуваа сите пет судии

Уставниот суд денеска ја одржа првата седница за 2022 година на која присуствуваа сите пет судии.

Како што е објавено на веб страната на Судот, уставните судии денеска неповеле постапка за оценување на уставноста на член 19 став 17 од Законот за административни службеници.

Судиите неповеле постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката бр.09-360/1 од 31.01.2020 година на Советот на Општина Кочани и Одлуката бр.09-317/1 од 28.01.2021 година на Советот на Општина Кочани и ја отфрлил иницијативата во делот со кој се бара оцена на меѓусебната согласност на оспорените одлуки со Уредбата за определување и реонизација на зони на градовите и населените места, Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање и со Методологијата за процена за пазарната вредност на недвижен имот.

На седницата била отфрлена иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на член 1 став 2 од Гранскиот колективен договор за изменување и дополнување на Гранскиот колективен договор за органи на државната управа, стручните служби на Владата на РСМ, судовите, јавните обвинителства, казнено-поправните и воспитно-поправните установи, државното правобранителство, општините, Градот Скопје и општините на Градот Скопје, агенциите, фондовите и другите органи основани од Собранието на Република Северна Македонија.

Предлогот на судијата-известител за поведување постапка за оценување на уставноста на член 174 ставови 8 и 9 и член 176 став 3 од Законот за високото образование („Службен весник на Република Македонија“ бр.82/2018), не го добил потребното мнозинство гласови и за овој предмет, како што е наведено во соопштението, ќе се одлучува на некоја од наредните седници на Судот.