Македонија
8. July 2020 - 16:51

Уставниот суд ја одложи одлуката за член од кривичниот законик за злоупотреба на службена положба

Уставниот суд не одлучи за оспорениот член од кривичниот законик кој уредува казна за злоупотреба на службена положба при јавни набавки. Судот ќе бара помош од стручната јавност. На денешната седница, мнозинството од уставните судии побараа седница со експерти по кривично право, бидејќи како што наведоа немало што да се загуби ако се слушнат ставовите на струката и науката. Сепак открија дека на вчерашниот работен состанок имале согласност да не се поведе постапка за иницијативата. 

-На колегиум имавме едногласност да нема јавна седница и за тоа немаше дилеми, изјави уставниот судија Никола Ивановски.

За претседателот на Уставен, Сали Мурати непотребно е одржувањето на јавна седница и смета дека не треба да се поведе постапка за иницијативата предложена од адвокатот Еленко Миланов. 

Тој пак смета дека е добро што уставните судии одлучиле да побараат помош од експерти. 

„Вака како што е поставена одредбата е поставена толку широка што без малку може да се подведе како злоупотреба на службената положба и овластување. Затоа сметам дека со тоа правната сигурност на граѓанининот како уставна загарантирана категорија  се повредува“, изјави Еленко Миланов, Адвокат.

Каква одлука ќе донесе судот ќе се знае по седницата со експерти која ќе се одржи на есен. 

Поништувањето на одредбата која предвидува 5 години затвор за злоупотреба при јавни набавки, може да доведе до застарување на кривичните дела, меѓу нив и во предметите на поранешното СЈО.