Македонија
16. March 2016 - 16:16

Уставниот суд го укина Законот за изменување и дополнување на Законот за помилување

Со мнозинство гласови Уставниот суд одлучи да ги укине измените на Законот за помилување од 2009 година.

Одлуката со која на Претседателот на државата повеќе не му се ограничува правото да помилува, ќе стапи во сила откако ќе биде објавувана во Службен весник, односно за 8 дена. 

По денешната седница од судот објаснија дека главен аргумент за носење на оваа одлука бил ставот на уставните судии дека Уставот не смее да го ограничува Претседателот кој може, а кој не може да биде помилуван од негова страна.  

Враќање во сила на законот од 93-та практично значи дека шефот на државата нема истовремено да помилува повеќе лица кои сториле исто кривично дело, туку одлуката ќе биде индивидуална и ќе зависи од многу елементи.

Тој ќе може да запре истражна постапка, отфрли кривична пријава, да одреди поблага казна или алтернативна мерка.

Деталите за примена на законот ќе треба да ги прецизира Собранието.

Судиите кои гласале против тоа на претседателот да му се зголемат ингеренциите, сметале дека оваа одлука треба да биде донесена по темелна и стручна дебата, а нивните ставови ќе бидат објавени како одвоени мислења.

Иницијативата за укинување на измените на Законот за помилување од 2009-та година до Уставниот суд пристигна на 5 февруари.