Македонија
29. јуни 2016 - 13:25

Уставниот суд го одложи одлучувањето за крстот во Бутел

Уставниот суд на денешната седница го одложи одлучувањето по иницијативата за уставноста и законитоста за поставување на 55 - метарскиот крст во општина Бутел.
 
- Одлучувањето по иницијативата поднесена на Одлуката за давање согласност за поставување урбана опрема на подрачјето на општина Бутел од 23 февруари годинава, донесено од Советот на општината и Решението за објавување Одлука за давање согласност за поставување урбана опрема на подрачјето на општина Бутел, исто така од 23 февруари годинава, донесено од градоначалникот на општина Бутел, е одложено за некоја од наредните седници, информираат од Уставниот суд.
 
Иницијативата, како што велат од Судот, ќе биде разгледана на некоја од наредните седници.
 
Уставните судии денеска донесоа одлука за укинување одредби од Законот за работните односи. Станува збор за член 104, став 2, во делот „маж, односно до 65 години возраст „жена“ и став 4 во делот „маж, односно најмногу до 65 години возраст жена“ од Законот за работни односи.
 
Со укинувањето на овие одредби им се овозможува на мажите и жените како работници  да имаат право на избор дали ќе продолжат со својата работа за еднаков број години (до 67 години), доколку со друг закон тоа не е регулирано поинаку.
 
Од Судот сметаат дека и мажите и жените како работници имаат право на избор да продолжат со својата работа за еднаков број години.
 
Уставниот суд донесе одлука за укинување одредби од Законот за административни службеници, кои предвидуваат вработените административни службеници да достават докази за познавање странски јазици и работа со компјутерски програми до раководното лице во институцијата во која работат.
 
Станува збор за член 108 и член 109 од Законот во кои е наведено дека административниот службеник кој засновал работен однос во институцијата треба да достави докази за познавање странски јазици и за познавање работа со компјутерски програми за канцелариско работење до секретарот, односно до раководното лице на институцијата во која не се назначува секретар, соодветни на нивото на неговото работно место од денот на започнувањето со примената на овој закон, односно во рок од една година од денот за пристапување на РМ во ЕУ. Овие две одредби од Законот се укинати во целина.