Бизнис
9. May 2018 - 21:15

Уставен суд ја укина нормата како услов за добивање минимална плата

„Нормираниот учинок“ падна на Уставен суд. Работниците од денес нема да мора да исполнуваат норма која ја задава работодавачот за да добијат минимална плата од 12.000 денари. Оваа иницијатива ја изготви СИЕР, Синдикатот на управата, правосудството и здружението на граѓани. А до Уставниот суд неа ја поднесе ССМ. Од СИЕР велат дека одредбите кои се укинале им давале можност на работодавачите да не мора да ја исплатат минималната плата и покрај законското решение.

„И што се случуваше во пракса или работникот ќе работи повеќе саати, за да дојде до нормираниот учинок кој еднострано го одредува работодавачот иилии пак немаше да му исплати со оправдување дека не ја исполнил нормата, односно нормираниот учинок. Со ова сега тоа се избегнува, без разлика на нормираниот учинок работникот мора да ја добие основната минимална плата од 12.000 денари“, изјави Пеце Ристевски, претседател на СИЕР.

Уште во текот на постапката за донесување на измените на Законот, ССМ укажуваше дека не се согласува минималната плата да биде условена од – нормиран учинок за кој во предложените измени на Законот е предвидено да се утврдува единствено по критериуми утврдени од работодавачот. Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска денес само кусо изјави дека оваа одлука мора да се почитува.

„Видете мислам дека одлуки на Уставен суд не се коментираат туку само се спроведуваат така што јасна е работата тука“, истакна Мила Царовска, министер за труд и социјална политика.

Од СИЕР велат дека со оваа одлука ќе се овозможи правна сигурност во примената на Законот за минимална плата и исплата на минималната плата за сите работници во РМ.