Македонија
1. September 2024 - 16:34

Уставен ќе одлучува за Законот за јазиците, Вреди повикува да не се отвара Пандорината кутија

На крајот на септември Уставен ќе решава за балансерот, а на почетокот на октомври за Законот за јазици.

Првиот човек на судот во интервју за МИА вели дека е свесен за сензитивноста на овие прашања, но мора да се даде правен одоговор за хаосот кој го создаваат.

Без да прејудицира каква ќе биде одлуката, Костадиновски вели дека судиите при нејзиното носење ќе се водат исклучиво од уставните одредби. 

Не може бројни политички актери претпладне од уста да не ја вадaт заложбата за правна држава, за владеење на правото, за европски стандарди, а попладне да ги етикетираат одлуките на Уставниот суд како политички, етнички, верски, итн. Не може политиката како досега да се поставува над правото, да ги пречекорува со Устав исцртаните рамки, да прават правен хаос, кој создава политички хаос, и кога Судот ќе даде правен одговор на хаосот тогаш да се етикетира или одликите на Судот да се повод за некоја политичка тензија. Крајно време е да прејдеме во зрела демократија, од која бенефит ќе имаат сите граѓани без исклучок.

Одлуките на Судот не треба да се гледаат ниту како закана против некого или нешто, ниту како одлуки со кои се зголемуваат или намалуваат нечии права, тие треба да бидат прифаќани и да бидат рамка за работење на сите останати власти, вели Костадиновски во интервјуто за Законот за јазиците

Ставот на Костадиновски предизвика реакција од владиниот партнер ВРЕДИ, кои иницијативата за оценување на уставноста за ова законско решение ја оценуваат како опасна и неприфатлива.

Сметаме дека оваа иницијатива, која доаѓа од сили познати по своите анти-НАТО ставови, не е ништо повеќе од обид за државен удар со правни експерименти. Доколку ваква иницијатива биде прифатена, ќе се отвори Пандорината кутија за сите клучни достигнувања на државата, вклучително и промената на уставното име, која исто така беше реализирана без потписот на тогашниот претседател Ѓорге Иванов, што овозможи членство во НАТО. Ваков чин ќе ги загрози стабилноста и суверенитетот на Република Северна Македонија, сериозно заканувајќи се на нејзината евроатлантска ориентација, се вели во ставот на ВРЕДИ по денешниот координативен состанок

Предметот со кој Уставен треба да пресече дали Законот за употреба на јазиците е во согласност со Уставот, судот го оформи пред 5 години, откако беа поднесени вкупно 13 иницијативи од граѓани, политички партии и здруженија.