Македонија
13. February 2017 - 13:19

Успешно завршена вежба на АРМ и МВР под инструкции на американските специјалци

Завршна вежба од обука во која беше симулирано неутрализирања непријателска група денеска успешно ја извршија тимовите на специјалните единици на МВР и АРМ со инструктори од Специјалните единици на САД. 

На вежбата присуствуваа министрите за внатрешни работи, за одбрана и за финансии, Агим Нухиу, Зоран Јолевски и Кирил Миноски, амбасадорот на САД Џес Бејли, како и генерали од армијата и полицијата.

Министерот за внатрешни работи Нухиу истакна дека професионалната поддршка и успешната обука претставуваат клучни моменти за законските обврски на полицијата.

- Министерството за внатрешни работи има капацитет да ги остварува сите предметни надлежности во однос на јавната и државната безбедност, а токму овие обуки претставуваат клучни елементи тие активности да бидат во синергична линија со суштинските стандарди, рече Нухиу.

Оваа вежба, информираше министерот Јолевски, е прва од планираните 27 кои треба да се реализираат со парнерите од САД,  и појасни дека тие ќе се реализираат и во други сегменти, а не само со единиците за специјални операции.

- Воспоставена е добра соработка со Командата за специјалните операции на НАТО, а исто така и со Командата на САД во Европа. Минатата година имавме учество на нашиот полк за специјални операции (пСО) на вежба во Германија, но учествувавме и на најголемата воена вежба „Анаконда“, истакна Јолевски.

Нагласи дека соработката меѓу САД и Македонија во областа на одбраната е на високо ниво, и дека Министерството ќе продолжи да ги зајакнува со обуки и опрема не само пСО, туку и другите единици на АРМ.

Вежбата, според амбасадорот Бејли, е резултат на тринеделната обука од страна на американските специјални единици од европската команда. Ова вежба, рече тој, е прва од трите обуки што ќе бидат спроведени во текот на годината за МВР и АРМ.

- Ова е исто така дел од заедничките напори на Македонија и САД во борбата против тероризмот што претставува и домашна и странска закана. Преку заедничката обука на полицијата и војската се зголемуваат нивните способности. Ова е еден пример за блиската долгогодишна соработка што ја имаме со полицијата и војската на Република Македонија и знак на нашата посветеност за продолжување на тоа партнерство, нагласи Бејли.

Тој ја истакна важноста за состанокот на НАТО кој треба да се одржи оваа недела во Брисел, а на кој министрите за одбрана ќе се дискутира за партнерствата и како подобро да соработуваат во борбата против тероризмот. Спред Бејли денешната вежба претставува партнерство во акција и, како што рече, преку вакви вежби можеме заедно да ја зголемиме безбедноста и сигурноста на нашите граѓани