Бизнис
30. September 2018 - 7:34

Успешна туристичка сезона на Преспанското крајбрежје

Преспанското крајбрежје имаше уште една успешна туристичка сезона, со максимална посетеност, оцени градоначалникот на општина Ресен Живко Гошаревски.

Најголема посетеност, според него, има во јули и август, кога туристичките капацитети, иако во мал број, биле исполнети до максимум, а се барало и место повеќе.

- На територијата на Општина Ресен регистрирани се 400 легла во хотелско сместување и 157 во приватни сместувачки капацитети.  Регистрираните легла се лоцирани генерално во руралните средини, кои располагаат со капацитети за развој на туризмот, како класичен, така и алтернативни форми, истакна Гошаревски за МИА.

Живко Гошаровски градоначалник на Ресен

Најголеми потенцијали за развој на туризам, смета дека имаат населените места и туристичките населби Стење, Коњско, Претор, Отешево, Брајчино, Љубојно, Долно Дупени, Сливница и Крани.  

Општината, нагласи Гошаревски, презема активности за привлекување домашни и странски инвеститори за туристичка дејност, со што ќе се придонесе кон зголемување на бројот на сместувачките капацитети и надминување на недостигот.

- Очекувам зголемување на бројот на легла, пред се во приватни сместувачки капацитети.  Оваа година, Преспа е побогата за околу 50 легла во приватното сместување. Локалното население и во иднина ќе го чуствува бенефитот од инвестиции во сместувачки капацитети и очекуваме да вложуваат и да ги унапредат своите капацитети на современо ниво, додаде ресенскиот градоначалник.

јаболкобер

Покрај традиционалните културни и спортски манифестации во текот на летниот период, Општината вложува напори за продолжување на туристичката сезона преку организирање културни настани преку цела година. Како најзначајна манифестација за регионот се издвојува „Преспанскиот јаболкобер“ кога и официјално почнува бербата на познатото преспанско јаболко.

За привлекување поголем број туристи, неизоставен дел, како што подвлече Гошаревски, се и инвестициите на локалната самоуправа во инфраструктурата, реконструкција на локални улици и патишта, водоснабдување, изградба на системи за собирање и одведување на комунална и атмосферска отпадна вода.

Според податоците на Државниот Завод за статистика, од јануари до крајот на јули 2018 година во Преспа престојувале 3364 домашни и 652 странски гости.

Слаѓана Стојкова Костоски/МИА