Македонија
17. April 2021 - 10:44

Успешна трансплантација на срце кај 22-годишно момче

Неколку часа по полноќ на Клиниката за кардиологија зачука новото срце на 22-годишно момче од донор од девојка на слична возраст која починала како последица од сообраќајка.

-Во 3 часот и 33 минути утринава кај 22-годишно момче зачука ново, донирано срце. Ова е втора извршена трансплантација на срце во историјата на државата, на Клиниката за кардиохирургија. Честитки до сите колеги и благодарност до целиот тим кој во текот на целата вечер неуморно работеше. Ова е огромен успех на македонското здравство, кој немаше да биде возможен без согласноста за донирање органи од семејството на младата пациентка која прерано го загуби животот. Горд сум на моите колеги, напиша пред малку министерот за здравство Венко Филипче на неговиот Фејсбук профил.
 
 

Филипче вчера изјави дека починала млада пациентка и добиле согласност од нејзините родители за донирање органи.

– Веројатно имаме потенцијал за уште една трансплантација. Денеска за жал кај нас има млада почината пациентка, има согласност за донација на органи од семејството и сега се прават проверки и во однос ХЛА типизацијата за тоа дали може да се направи трансплантација и на срцето и на бубрезите. Ако се најдат соодветни реципиенти во текот на денешниот ден се ќе се заврши, рече вчера Филипче.

Ова е втора трансплантација на срце во државава. Првата беше извршена во мај минатата година кај 53 годишен пациент, а донор беше 43-годишна жена почината во сообраќајка.