Македонија
14. December 2019 - 17:41

Успешна акцијата за чистење на Прилеп и околината

Дождливото време не беше пречка акцијата за чистење на Прилеп и неговата околина да биде успешно реализирана. Администрацијата, јавните комунални претпријатија, вработените во неколку градежни фирми кои на теренот излегоа со целокупната расположива механизација, заедно со поголем број граѓани покажаа висок степен на еколошка свест и со успех ја спроведоа иницијативата на Владата за чистење на животната средина.

Со чистењето беа опфатени локациите посочени од прилепски „Комуналец“. Се чистеа диви депонии, просторот околу магистралниот пат Прилеп-Битола, регионалниот Прилеп-Градско и неколку локални патишта.

Градежната механизација работеше на расчистување на дивите депонии над касарната „Мирче Ацев“ и кај ИКТ-центарот, на патот од бензинската пумпа „Лукоил“ до клучката кај хотелот „Салида“, како и на потегот од „Склештен мост“ до излезот кај фабриката „Милина“. Градежната механизација беше ангажирана и за чистење на Дабнички канал, на непосредната околина на црквата „Света Петка“ во населбата Точила и кај Новите градски гробишта на излезот од Прилеп.

Целосно се исчисти просторот од прилепската касарна па сѐ до чешмата кај Вештачкото езеро, патот и околината на манастирот „Свети Димитрија“ кај селото Селце, обиколницата кај Фабриката за цигари, просторот кај старите градски гробишта, а беа исчистени и други локации во градот и неговата блиска околина.