Македонија
22. July 2019 - 18:30

Успешен „Пивофест“ со илјадници посетители

Големата, 17-та по ред, летна манифестација „Пивофест“ во Прилеп успешно се одржа и заврши во раните утрински часови. Помина во добра атмосфера, сигурно и безбедно за сите учесници и за илјадниците посетители во четирите фестивалски дена. Задоволни сме од организацијата, од учесниците и од сите содржини што им ги понудивме на посетителите, заедно со новините на овој „Пивофест“, истакнаа организаторите на големиот Фестивал на добрата голтка пенлив пијалак и вкусна скара, по заавршувањето кое беше во раните утрински часови.

Според прилепскиот градоначалник Илија Јованоски фестивалот беше успешен, сигурен, со илјадници посетители, а организаторите сите четири фестиваски дена одговорија ажурно на обврските за сѐ да помине непречено.

-Задоволен сум од успешното завршување на „Пивофест 2019“. Оваа година, освен главната бина имавме и уште четири алтернативни простори каде со содржини го промовиравме фестивалот. Тој новитет со уште четирите сцени покажа дека на граѓаните им се допаѓа. Посебно беше атрактивен паркот кај Основниот суд каде се забавуваа најмладите и највозрасните и поради тоа најавуваме дека секој викенд ќе има програма за забава. Учесниците, граѓаните и посетителите беа задоволни од годинашнава програма на „Пивофест“, истакна Јованоски.

Оваа година, прецизира, од 16 учесници на главната сцена, 10 беа македонски, од кои, пак, шест беа од Прилеп, што е битно за промоција на нашите уметници.

-Институциите со својата ажурност придонесоа за успешноста на „Пивофест“. Се заблагодарувам за сигурноста, безбедноста и за јавниот ред и мир за сите граѓани. Тоа беше на високо ниво. Според информациите од полициската станица, за време на Фестивалот, немало никаков поголем инцидент. Тоа посебно радува зашто безбедноста и сигурноста на граѓаните се на прво место. Својата работа ажурно си ја вршеа јавните претпријатија: „Водовод и канализација“, ЈП за паркинзи, „Комуналец“. Немаше никакви проблеми ниту со расположивоста на јавните тоалети .Ажурно беше и од Агенцијата за храна и ветеринарство зашто немаше никаков проблем со конзумацијата на пивото и скарата, а ниту имаше големи проблеми за медицинскиот персонал од Итната медицинска помош. Коректни беа и инспекторите од УЈП, посочи Јованоски.

Маја  Бабиќ од агенцијата „Баги комуникации“ организатор на „Пивофест“, рече дека во реализацијата на целата манифестација биле вклучени околу 1.000 луѓе, а дневно имало од 35.000 до 40.000 посетители.

-Соодветен беше слоганот „За добра“ мисла што цело време не следеше. Сметаме дека одговоривме соодветно и коректно на задачата. Инаку, во овие четири дена бевме домаќини на 171 артист. Во организацијата, продукцијата и во обезбедувањето работеа повеќе од 560 луѓе вработени и волонтери. Имавме речиси 24-часовна програма на пет локации. Ако на ова се додадат луѓето од повеќето институции, тогаш бројката е преку 1.000 ангажирани за целото одвивање на „Пивофест“ како што треба. Тоа е знак дека посветено се работеше и сите ангажирани го чувствуваа фестивалот како голема одговорност, изјави Бабиќ.

Нагласи дека според информациите од полицијата, од 2015 година досега, овој фестивал е со најмалку инциденти.

-Од ЈП „Паркинзи“ е информацијата дека имало повеќе од 12.000 возила дојдени од надвор од Прилеп и паркингот бил совршено организиран и протокот на возилата бил одличен. Во Итната помош работеа по три екипи од по три медицински лица, а во петокот и во саботата имаше дополнувања со медицинска екипа од Битола и според нив, немало ниту еден посериозен инцидент. Имало одредени помали инциденти како колапси, слошување што е, велат, вообичаено при вакви фестивали и манифестации во летно време. Им се заблагодарувам на прилепчани како добри домаќини, рече Бабиќ.