Балкан
13. April 2017 - 21:54

Усогласена програмата на новата бугарска Влада

Лидерите на конзервативната партија Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ) и на националистичката коалиција Обединети патриоти (ОП) денеска ја усогласија програмата за работа на новата бугарска Влада.

- Благодарение на взаемните компромиси кои ги направивме, утврдена е програма на Владата со визија до 2021 година, се наведува во заедничкото соопштение не ГЕРБ и ОП, објавено по завршувањето на денешните преговори.

Лидерот на ГЕРБ и поранешен бугарски премиер, Бојко Борисов, кој ќе ја предводи и новата коалициска влада на Бугарија, изјави дека утврдената програма се однесува на целиот владин мандат од четири години.  

- Компромисите што ги направија двете страни беа неопходни за да се формира функционална влада, бидејќи поинаков коалициски формат е невозможен, рече Борисов.

Тој нагласи дека двете страни биле свесни дека доколлу не се договорат за формирање коалициска влада, единствено решение би биле нови предвремени избори во следните неколку месеци.

- По се она што се случува во Европа - Брегзит, мигрантскиот прилив, тензиите во Турција и во нашите соседни земји, ќе претставуваше ризик доколку уште неколку месеци останевме без влада и со неспорно слабиот технички кабинет, рече Борисов.

Тој најави дека преговорите за распределба на министерските ресори меѓу ГЕРБ и Обединетите патриоти ќе започнат следната недела.

Лидерот на најголемата партија во коалицијата Обединети патриоти, Националниот фронт за спас на Бугарија (НФСБ), Валери Симеонов, од своја страна, изјави дека по мартовските предвремени парламентарни избори, имало многу малку можни комбинации за формирање нова Влада.

- Согласно одлуката на бугарскиот народ, во името на интерсите на Бугарија, ние бевме должни да постигнеме договор за задничка програма и да ја реализираме заедничката влада, бидејќи нема друга опција, рече Симеонов.   

Тој потенцира дека и ГЕРБ и ОП вложиле напори и успеале да ги надминат разликите што ги имале на почетокот на преговорите, со што е добиена програмата по која ќе работи нивната коалициски влада.