Бизнис
10. December 2015 - 10:14

Условите за водење бизнис во Македонија поттик за израелските бизнисмени

Условите за водење бизнис во Македонија се поволни и можат да мотивираат многу израелски инвеститори, смета бизнис заедницата во Израел пред која беа промовирани поволностите што им се нудат на странските инвеститори.

Според Шломо Гразиани, сопственик на повеќе израелски компании од прехранбената индустрија и член на Израелската комора на индустријалци, условите за водење бизнис во Македонија се позитивни.

- Промоцијата на инвестирањето во Македонија креира ентузијазам и многу израелски инвеститори со нетрпение очекуваат да соработуваат во повеќе области, почнувајќи во земјоделието, а сега и туризмот, при што од следната година ќе оперираме со чартер летови за Македонија. Постојат и компании кои се интересираат за инвестирање во технологија и човечки ресурси токму во вашата држава, изјави Шломо по бизнис форумот во Ерусалим на кој владината делегација предводена од премиерот Никола Груевски ги презентираше поволностите за инвестирање.

 

Премиерот Груевски, осврнувајќи се на економските показатели во Македонија, истакна дека државата има направено значаен прогрес во поглед на креирањето на добра бизнис клима, соработката со инвеститорите и поддршката за развој на економијата. Потенцираше дека се направени многу реформи кои Македонија ја рангираа високо во извештаите на релевантни финансиски институции како што е Светска банка, која во својот извештај „Дуинг бизнис“ кој ги оценува добрата бизнис клима и условите за водење бизнис, ја позиционираше Република Македонија на дванаесетото место во светот и шесттото место во Европа.

- Ние сме и втори во светот во однос на леснотијата за отпочнување на бизнис и регистрирање на фирма кое се врши за само четири часа и може да се направи од било кое место во светот. Исто така имаме напредок и во други полиња како што е заштитата на инвестициите, нагласи премиерот Груевски.

Тој посочи дека ова е резултат на системска работа во повеќе сектори и оти се поедноставени многу процедури и постапки кои се значајни за бизнисот.

- За тоа многу помогна проектот кој се нарекува регулаторна гилотина, кој опфати кратење, поедноставување или укинување на илјадници бирократски процедури и во кој соработувавме со стопанските комори и со над триста и педесет компании од различни сектори и големина, за во директна комуникација со нив да ги детектираме бирократските проблеми со кои се соочуваа и да пристапиме кон решавање. Повеќе од деведесет проценти од предлозите ги прифативме и овој проект е се уште активен затоа што сме во комуникација со бизнисмените со цел да креираме успешна бизнис клима, истакна Груевски.

Претседателот на македонската Влада рече дека во нашата земја се овозможени најниски трошоци за водење бизнис во Европа и во таа насока се воведени најниски даноци, рамен и низок данок, при што персоналниот данок и данок на добивка се десет проценти, а компаниите кои ја реинвестираат добивката имаат нула проценти данок.

 

Министерот за странски инвестиции Џери Наумоф се осврна на поволната положба на Македонија и можноста за пристап до 650 милионскиот европски пазар преку потпишаните договори за слободна трговија. Истакна дека Македонија има договори за слободна трговија со сите земји од Европа, со исклучок на Русија, со што се надминува хендикепот на мал пазар и се има пристап до пазар од 650 милиони потрошувачи.

- Од бизнис и економска гледна точка тоа е вистинска предност, затоа што компаниите кои веќе инвестирале гледаат на Македонија како на порта за влез на европскиот пазар, рече Наумоф.

Свое обраќање имаше и министерот за надворешни работи Никола Попоски, кој говореше за исклучително добрите политички односи на меѓу двете држави кои се гаранција за искористување на економскиот потенцијал. Тој ја истакна и декларацијата за пријателство меѓу Република Македонија и Државата Израел која ја потпишаа премиерите на двете држави и која е од стратешко значење за развојот на односите на двете земји. Министерот Попоски посочи дека тоа е добра основа и за развивање на билатералните економски релации кои што ќе придонесат за дополнително продлабочување на севкупните односи.

На бизнис форумот учествуваат претставници од израелски компании од областа на земјоделието, енергетиката, туризмот и медицината.