Македонија
4. јуни 2018 - 12:10

Уште се чека најавениот телефонски разговор Заев - Ципрас

Се уште нема информација кога би можел да се случи најавениот телефонски разговори меѓу македонскиот премиер Зоран Заев и неговиот грчки колега Алексис Ципрас.
По последниот став на премиерот Заев дека проблем се технички прашања, портпаролот на грчката Влада во интервју за грчката телевизија Контра вели дека официјална Атина чека решавачки чекор од Скопје.

„Ништо не е договорено, ако не се договори сѐ. Во овој момент очекуваме од страна на политичкото раководство на поранешната југословенска Република Македонија да го направи решителниот чекор и да го прифати договорот. Нормално, за време на техничките преговори, сѐ што се договара се заведува во писмена форма. Она што го очекуваме е комуникацијата меѓу двајцата премиери,  која во овој момент не може да се предвиди кога би се случила“

Премиерот Заев и натаму останува оптимист.  Во интервју за магазин специјализиран за претставниците на дипломатскиот кор во регионот, шефот на македонската влада вели дека разговорите со Грција водат кон решение и дека во јули Македонија очекува покана за НАТО.

„Ако се насочиме сите кон изнаоѓањето решение, 2018 година може да биде година за паметење и за Република Македнија, но и за регионот, и за ЕУ и за НАТО. Затоа, неуморен оптимист сум и очекувам во јули покана на Македонија за влез во НАТО.
Разговорите со Република Грција ги поставивме на пријателско и достоинствено ниво и моите очекувања се дека водат кон решение што носи добра иднина за граѓаните на Македонија и на Грција, но и на целиот регион“ – вели Заев.

За официјална Атина преговорите за името ќе доведат до решение само ако Владата во Скопје обезбеди промена на Уставот, за што се потребни гласовите на две третини од пратениците во македонскиот законодавен дом.
Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ на саботниот митинг во Скопје уште еднаш ја повтори позицијата дека неговата партија нема да поддржи промена на Уставот со цел промена на уставното име.