Свет
25. August 2016 - 20:11

Уште пет нови жртви извлечени од морето на плажа во јужна Англија

Пет нови жрртви од давење се регистрирани на плажа во јужна Англија, соопшти британската полиција, пренесува Би-Би-Си.

Засега не се знае како настрадале петмината мажи, освен што полицијата откри дека тројца од нив, од водата биле извлечени целосно облечени.

Лондонските медиуми случајот го квалификуваат како „мистерија“ додека евроскпетичниот „Сан“ тврди дека станува збор за мигранти кои се удавиле, при настојувањето илегално да влезат во Британија.

Полицијата го отфрли таквото тврдење на весникот кој агитираше за Брегзит и кој и понатаму ја плаши домашната јавност со „наездата“ од имигранти преку Ламанш.

- Нема никакви докази дека удавените, тројца мажи се илегални мигранти, објасни претставник на британската полиција.

Од минатиот петок, кога беше откриена првата жртва, досега дури 12 лица, мажи, жени и деца ги загубија животите на плажите на британскиот брег.

Ваквите случаи ги засилија шпекулациите околу тоа што е причината за толку многу жртви во само шест денови.

Првите седум жртви настрадаа во услови на силен ветер, големи бранови, посебно на југот од Англија и на силна плима, но најновите пет жртви се случија во најтоплиот ден ова лето, кога ветровите и морето се смирија.

Инцидентот се случи на популарната плажа „Камбер Сендс“ во англиската област Источен Сасекс, на која во текот на денот имало околу 25 илјади капачи и посетители.

Крајбрежната стража која со полицијата учествува во откривањето и извлекувањето на жртвите, предупредува и понатаму на моќната плима која може да биде толку силна и брза што може за кусо време да „повлече“ во морето и луѓе кои не се капат.

Очевидци изјавиле на полицијата дека на плажата имало и посетители кои не се капеле и кои во водата влегувале во облека, соголени до колениците, за да се разладат.

Полицијата нареди затворање на плажата и забрана за капење додека трае истрагата за тешкиот и засега неразјаснет инцидент во кој од морето на два пати беа извлечени вкупно петмина удавени.