Свет
21. May 2019 - 8:18

Уште едно дете почина на американско-мексиканската граница

Едно 16-годишно момче почина на пункт за гранична патрола во Тексас, со што стана петто дете од Гватемала кое од декември до сега го загуби животот откако е приведено од американските погранични агенти.

Царината и граничното обезбедување на САД соопштија дека тинејџерот бил приведен на 13 мај, откако ја преминал границата, и вчера бил пронајден мртов на станицата Веслако при редовна проверка на здравствена состојба на мигранти.

Властите тврдат дека причината за смртта е непозната, но локалните медиуми јавија дека момчето во неделата пријавило дека не се чувствува добро оти било прегледано од медицинска сестра која утврдила дека има грип.

Нему му бил препишан Тамифлу и бил префрлен во објектот на Веслако за да се избегне да зарази други лица.

Пред неколку дена едно двегодишно дете од Гватемала исто така почина после преминување на американско-мексиканската граница и задржување од страна на гранична патрола на САД. Конзулот на Гватемала во Дел Рио, Теканди Паниагва, објасни дека детето и неговите родители на почетокот на април влегле во градот Ел Пасо на границата на САД со Тексас. Тој наведе дека детето било однесено во болница, каде поради дијагностицирано запаление на белите дробови останало еден месец, но починало минатата недела.

Заштитниците на правата на мигрантите долго време го поставуваат прашањето за способноста на граничните патроли да се грижат за илјадници приведени деца и нивните родители.