Македонија
28. October 2021 - 16:51

Уште една тинејџерка ја загуби битката со Ковид-19

Малолетничка од Демир Хисарско почина од Ковид. 17 годишната девојка по 9 дена лекување на Инфективната клиника, утринава ја загуби битката со вирусот, информираа од министерството за здравство. Од таму додаваат дека младата пациентка имала дијабетес тип 1 и не била вакцинирана.

На 18-ти месецов девојката со многу ниска сатурација, висока температура и отежнато дишење прво побарала помош во битолската болница. Таму веднаш била поставена на кислород. Поради лошата состојба утредента Итно била транспортирана на скопските клиники.

- Пациентката е примена во единица за интензивна нега на КИБФС и почнат е интензивен третмант по протокол за лекување пациент со тешка Ковид 19 инфекција. Во тек на престојот следи прогресивно влошување на состојбата со влошување на лабораториските, биохемиски анализи, рентгенграфски наод и клиничка слика, соопштија од здравство.

Од министерството додаваат дека во нејзиниот третман поради сериозноста на болеста биле вклучени специјалисти и од други установи, но вчера дошло до драматично влошување на виталните параметри на пациентката и откажале срцето и белите дробови. И покрај обидите за реанимација девојката починала.

Ова е трет смртен случај на малолетно лице од компликации од Ковид во земјата. Во септември починаа 15 годишна девојка од тетовско и 2 годишно дете кое на клинички било донесено поради други тешки заболувања, но ковид тестот испаднал позитивен.