Уште една дадилка малтретирала близначиња, доби 30 дена домашен притвор
Уште еден случај на психофизичко малтретирање деца од страна на дадилка. По преглед на видео записи од безбедносни камери во домот, 33-годишна мајка открила дека 55-годишната жена која ја ангажирала како дадилка физички и психички ги малтретира нејзините 3-годишни близнаци.
Скопското обвинителство отвори истрага, а судија на претходна постапка и одредни 30 дена куќен притвор.
Сепак, Обвинителството се уште истражува дали станува збор за лице кое било ангажирано преку Агенција за посредување или не.
-Во временскиот период од 1 до 27 ноември, осомничената ангажирана за негување и чување на две деца на возраст од три години, грубо ја запоставувала својата должност за грижа и воспитување и ги малтретирала. Имено, таа постојано им викала и ги навредувала без причина, но и физички ги напаѓала со удари по главата и кубење на косата. Мајката на децата во домот поставила безбедносни камери и при прегледот на видео записот го забележала малтретирањето и однесувањето кон децата, по што поднела кривична пријава, велат од обвинителството.
Лиценца за негувател може да се добие само со аплицирање до Министерството за труд и социјала и полагање електронски испит. Но, проблем е што лиценци се даваат на лица со завршено средно образование, без разлика на струката.
Министерката Царовска не сакаше да го коментира случајот, посочувајќи дека тој е во надлежност на обвинителството и оти истрагата е во тек.
- Секое физичко лице, како со секоја друга лиценца, само ќе се стекне со лиценца. Понатаму, вработувачот или онаму каде што ќе се стекне со работен однос се надлежностите за контрола и следење на работата на лицето, како и во секоја друга компанија. Имаме издадено 3.000 лиценци кои се во нашата држава. Најголем дел од тие физички лица се вработени во јавните и приватните детски градинки, вели Царовска.
Ова е втор случај за само две недели во кој дадилка е под истрага откако претходно безбедносните камери на едно скопско кафуле открија уште една дадилка како малтретира дете.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар