Македонија
10. April 2021 - 16:39

Уште еден шверцер на дрога добил илегален македонски пасош, обвинува опозицијата

ВМРО ДПМНЕ и денеска објави кој светски мафијаш добил македонски пасош. Опозицијата тврди дека фалсификат пасош има осуден  шверцер на дрога во Шпанија. Станува збор за Луи Волина обелодени опозицијата. Од ВМРО ДПМНЕ објавија фотографии на кои според нив се гледа како успсените службеници се сликани со министерот Оливер Спасовски. Обвинуваат дека власта во Македонија го штити наркобосот Седат Пекер додека турската полиција во Истанбул апси лица од неговата криминална мрежа.

„Уште еден од низата кој има македонски пасош од оние на Спасовски и Заев, а тоа е Луи Волина, фатен 2019-та и осуден 2020-та година на 6 години затвор во Шпанија за трговија на дрога, а кој при апсењето поседувал македонски пасош на друг човек со иницијали Н.М.А. Нема ден, да нема скандал, нема ден Заев да не правда некој министер кој до гуша е заглавен во криминал. Со македонски пасоши се убивале луѓе, се тргувало со дрога, сериозни картели правеле криминал. Спасовски прво треба да си поднесе оставка заедно со Заев, а веднаш потоа мора да има одговорност“, Ѓорѓија Сајкоски, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ.

Од владејачката СДСМ тврдат  дека обвинувањата се одраз на немоќта на Мицкоски да го одбрани криминалот. Од партијата на власта тврдат дека токму лидерот на ВМРО ДПМНЕ заради лични интереси се обидел да ја саботира полициска акција со тоа што изнел јавно информации за аферата.

„Како што објави и самото Министерство за внатрешни работи, истрагата за пасошите се води подолг период бидејќи се преземаат дејствија кои имаат и меѓународни импликации.Заради лични интереси Мицкоски се обиде да загрози полициска акција и соработка на нашата полиција со стратешките партнери.Мотивите и целите за ваквите постапки треба да ги даде независна и професионална истрага пред надлежните инситуции.ВМРО-ДПМНЕ е симбол за фалсификувани патни исправи, Мицкоски е симбол за бранител на криминалот и тоа е докажано многу пати досега“, изјави Мартин Костовски, пратеник на СДСМ.

За фалсификување на лични документи беа приведени 9мина полицајци а истрагата од МВР посочија дека била почната уште во 2019г. За 214 странски лица биле нелегално издадени пасоши и лични карти за кои е употребен туѓ идентитет на наши државјани. Спасовски најави проширување на истрагата.