Ракомет
10. January 2019 - 13:32

Уште еден Македонец во Бундеслигата

Македонскиот репрезентативец Филип Кузмановски, од јуни, ќе стане член на Магдебург. Веста, во четвртокот, на својата интернет страница ја потврди германскиот клуб.

„Среќен сум што се договоривме со Кузмановски, кој е еден од најталентираните ракометари на својата позиција. Иако има само 22 години, тој веќе има големо меѓународно искуство од Лигата на шампионите и репрезентативните натпреварувања. Неколку клубови се интересираа за него, а задоволство е што не одбра нас. Му посакуваме добра настап на претстојното СП. Со нетрпение го очекуваме за новата сезона“, рекол за клупскиот сајт тренерот Бенет Вигерт.

Инаку, Кузмановски, уште во март 2017 година имал потпишано пред договор со Магдебург. Кузмановски потпишал три годишен договор, што значи дека соработката со Магдебург ќе трае до јуни 2022 година.

Филип Кузмановски во кариерата има настапувано за Пелистер, Металург и Еурофарм Работник.

Екипата на Магдебург по 19 одиграни натпревари во Бундеслигата се наоѓа на четвртото место на табелата со скор од 14 победи и пет порази.