Балкан
24. November 2015 - 19:35

Уште еден Албанец-џихадист убиен во Сирија

Уште еден албански државјанин загинал во Сирија, борејќи се во редовите на џихадистичката група Исламска држава (ИД), јави дописникот на МИА.

Станува збор за 27-годишниот Мариглен Дервишлари од селото Ремејн кај Поградец, со што бројката на убиени албански државјани во Сирија, потврдени од нивните најбилски, се искачи на 16, иако неофицијалано, според албанските медиуми, бројката е поголема. Смртта на Дервишлари ја потврди и албанската полиција.

Дервишлари во редовите на ИД се приклучил кон крајот на октомври минатата година. На 24 октомври 2014 тој од тиранскиот аеродром заминал за Турција, а потоа во Сирија. Тоа било негово второ заминување во оваа земја.

Во неговото досие во албанското Обинителство за тешки кривични дела, според електронското издание на тиранскиот весник „Шекули“, се наведува дека тој првпат за Сирија заминал на 28 јануари 2013 година, заедно со неговиот сонародник Бесмир Цаке и со сега убиените Хамит Муслија и Бледиан Хамзаи.

За време на првиот престој во Сирија бил ранет и се вратил во Албанија, заедно со неколку косовски државјани. Кога добро закрепнал повторно заминал за Сирија. Дервишлари и бил познат и на италијанската полиција како дел од џихадистичката ќелија „Фатима“.

И пред него убиениот албански државјанин Дориан Ќуко (25) беше од истото село. Неговата смрт беше потврдена на крајот од септември.

На боиштата во Сирија има околу 150 албански државјани. Од таму во Албанија се вратиле над 30, кои се под постојан надѕор бидејќи се сметаат за потенцијална опасност од тероростички напади.