Македонија
20. February 2018 - 9:59

Уште две малолетни девојчиња од „25 Мај“ бремени

Уште две малолетни девојчиња од ЈУ „25 Мај“ се трудни. Едното ја прекинало бременоста, но второто не сака да абортира и инсистира да го роди бебето, дознава „Независен весник“.

Засега уште не е официјално потврдено дали и овие две малолетнички биле злоупотребувани, како што беше случајот со 13-годишното девојче кое ја дигна јавноста на нозе.

Веста за уште две трудни девојчиња од „25 Мај“ за „Независен весник“ ја потврдија и од Клиниката за гинекологија, каде што се води бременоста на децата.

„Едното девојче за кое медиумите веќе пишуваа, како и уште едно друго, се ‘затворени’, односно бременоста им е прекината. Третото девојче има 17 години и не сака да абортира. Навистина, не би сакале да ги жигосаме тие деца со кои судбината грубо си поиграла. Да им ја видите само болката во очите… Од наша страна е направено сѐ прекинот на бременоста да биде изведен најпрофесионално за децата во иднина да немаат репродукциски проблем, кога веќе психолошки се оптоварени“, велат од Клиниката за гинекологија.