Бизнис
8. јуни 2018 - 11:20

Уште четири дена за аплицирање за земјоделски субвенции

На 12 јуни годинава завршува рокот за поднесување барања за субвенции за растително и сточарско производство, соопшти денеска директоорт на Платежната агенција Николче Бабовски.

Досега, рече Бабовски на прес-конфефернција, аплицирале 64.448 земјоделци, но се очекува бројката да биде зголемена за уште 7.000 до 8.000. Тој ги повика земјоделците да аплицираат навреме за побрзо да се обработат барањата и средствата да се исплатат.

Директорот најави дека утре ќе биде објавен јавен повик за поднесување барања за субвенции во рибарството, односно за поддршка на нови и за рехабилитација на постојните риболовни пунктови, како и за мрестилиштата, а во тек е, потсети, и огласот за инвестиции во земјоделските стопанства за што субвенции се обезбедени преку Програмата за рурален развој.

Апликациите за субвенции може да се поднесуваат електронски, а ако на земјоделците им е потребна помош во пополнувањето на документацијата, може да се обратат во Платежната агенција.

- За годинава се предвидени преку шест милијарди денари поддршка, средства кои со ребалансот би сакале да се зголемат. Искористеноста на субвенциите за 2017-та е 97 отсто или се исплатени 5,902 милијарди денари. Претходната година, пак, 2016-та, реализацијата на субвенциите беше 99 отсто, истакна Бабовски.

Платежната агенција годишно обработува по околу 150.000 – 160.000 барања за субвенции, а апликации поднесуваат повеќе од 70.000 фармери.

Одговорајќи на новинарско прашање, директорот Бабовски информира дека резултатите од контролите на независните експертски тимови од ЕУ во врска со досегашниот ефект од земјоделските субвенции се очекуваат за еден до 1,5 месец.