Бизнис
15. October 2018 - 19:40

УСАИД ќе ја помага либерализацијата на пазарот на струја

Либерализацијата на пазарот на електрична енергија ќе почне навреме. Сите подзаконски акти од новиот Закон за енергетика ќе бидат донесени пред Нова година, кога законот треба да почне да се применува. Државата за оваа намена обезбеди дополнителни пари од УСАИД.

“Легислативата ќе биде завршена согласно предвидените временски планови и ќе овозможат пред сè од една страна да направат заштита за граѓаните на РМ, во поглед на цената на енергенсите, пред сè цената на електричната енергија, а од друга страна да овозможат развој на обновливите извори на енергија”, изјави Кочо Анѓушев, вицепремиер задолжен за економски прашања.

Новиот закон овозможува секој корисник да има право на избор која компанија ќе го снабдува со електрична енергија.

“Ние очекуваме дека до крајот на годината ќе ги завршиме овие обврски и сите граѓани на РМ, но истовремено и компаниите, ќе имаат можност од наредната година да ги уживаат добивките од новиот закон за енергетика”, изјави Крешник Бектеши, министер за економија.

Според амбасадорот на САД во земјава, либерализацијата на пазарот ќе ја зацврсти енергетската безбедност на Македонија и ќе стимулира инвестиции во обновливи извори на енергија.

“Транспарентните и конкурентни енергетски пазари се витални за домаќинствата, индустријата и економијата. Новиот закон за енергетика обезбедува правна рамка за транспарентен, конкурентен и разновиден енергетски пазар, целосна либерализација на пазарот на електрична енергија во Македонија и интеграција со регионалните енергетски пазари и подобри енергетски услуги за домаќинствата и индустријата”, изјави Џес Бејли, амбасадор на САД во Македонија.

Во моментов тече јавниот повик за избор на универзален снабдувач и трае до 3 декември. Одбраната компанија ќе има обврска да ги снабдува со струја сите што нема да излезат на слободен пазар.