Македонија
20. December 2016 - 23:31

Управниот суд прифати две тужби

Управниот суд се изјасни по тужбите доставени од СДСМ и ВМРО ДПМНЕ за донесените одлуку на Државната изборна комисија. Од вкупно пет, управните судии прифатија две, а одбија три од доставените тужби на партиите.

Управниот суд ја прифати тужбата на ВМРО-ДПМНЕ за гласачкото место во Гостивар за кое претходно Државната изборна комисија одлучи дека е неопходно да се прегласува.. На расправата во ДИК по поднесениот приговор од БЕСА се тврдеше дека на една жена и е ускратено правото да гласа оти нејзиниот потпис веќе го имало во избирачкиот список.

Во образложението на Управен пак објавено на интернет страницата се наведува дека тужбата на ВМРО-ДПМНЕ е уважена оти доставениот приговор на движењето БЕСА не содржи потпис па ниту ДИК имал право да постапува по таквиот  приговор. Според оваа одлука на Управен прегласување на ова избирачко место нема да има.

Но ќе се прегласува на едно избирачко место во Теарце откако Управен ја прифати тужбата доставена од СДСМ. Според образложението на судиите од Управниот суд, на ова избирачко место е повреден изборниот закон со тоа што недостасува образец за констатирани неправилности во текот на гласањето. Токму во овој документ било запишано дека едно од гласачките ливичиња е откинато со перфорираниот дел од кочанот, за случајот не се изготвил записник а општинската изборна комисија дозволила гласањето да продолжи.

Останатите три тужби на СДСМ, Управниот суд ги отрфрли како неосновани. Сега ДИК  треба да одлучи дали избирачкото место на кое треба да се прегласува ќе влијае на конечниот резултат при распределбата на пратеничките мандати.

Според изборниот закон доколку има прегласување, тоа ќе се спроведе во недела.