Македонија
11. July 2019 - 17:42

Управниот одбор на ЗЕЛС и Милевски диксутираа за продолжување на децентрализација на власта

На покана на претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Скопје Петре Шилегов на денешната 11. седница на Управниот одбор на ЗЕЛС присуствуваше министерот за локална самоуправа Горан Милевски.

На состанокот, како што соопшти ЗЕЛС, Милевски беше запознаен со генералните ставови на локалните власти во насока на преземањето на следните активности за продолжување на децентрализацијата во земјата и нивно заокружување до 1 јануари 2020 година. Овој заклучок, како што се наведува во соопштението, произлезе на неодамнешната средба што Управниот одбор на ЗЕЛС ја имаше со премиерот Зоран Заев и членовите од неговиот Кабинет на која тој изнесе целосна подготвеност за обезбедување поголема финансиска стабилност на единиците на локалната власт и фазно пренесување на надлежности од централно на локално ниво, во областите каде ќе биде оценето дека е тоа можно и потребно.

Министерот Милевски изразил задоволство од подготвеноста на Управниот одбор на ЗЕЛС за соработка и партнерство во целиот процес. Тој информирал дека во разговорите со премиерот при преземањето на функцијата министер за локална самоуправа ги потврдиле ставовите оти процесот на децентрализација треба да продолжи во областите во кои веќе има создадено услови за да се обезбеди поголема финанска оддржливост и функционалност на општините.

– Како поранешен член на општински Совет сметам дека навистина има простор за сериозни промени во финансирањето, како и во организирањето на локалната самоуправа. Со оглед дека постои расположение одредени надлежности да се пренесат уште од 1 јануари 2020 година, следниот период ни претстои интензивна работа, која бара поголема оперативност и ефикасност од сите нас, посочил Милевски.

Шилегов нагласил дека претстои сериозен и обемен процес што бара брзи и динамични активности, кои подразбираат бројни законски измени, не само на системските закони како што се Законот за локална самоуправа и Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа, туку и во други закони.

– Ние сме апсолутно подготвени, ја имаме визијата која му ја предочивме и на премиерот на државата и сакаме да направиме крупни чекори кои ќе и овозможат на локалната власт да стане финансиски стабилна, да има поголеми надлежности и одговорности, а со тоа да им обезбеди поквалитетни услуги и услови за живот на своите граѓани, истакнал на средбата Шилегов.

На седницата на Управниот одбор на ЗЕЛС било истакнато дека општините нема да прифатат нови надлежности доколку првенствено не се обезбеди стабилизирање на финансиското работење на локалната власт и нејзините институции. Нема да бидат прифатени нови надлежности без обезбедување адекватни финансиски средства за нивна реализација. Вториот пакет, како што се наведува, ќе биде насочен кон утврдување можности за преземање нови надлежности и нивно попрецизно дефинирање и третиот пакет би се однесувал на организациската поставеност на работењето на локалната власт.