Бизнис
29. October 2018 - 8:35

УПОЗ и МИОА пред потпишување на Колективниот договор за административните и судските службеници

Колективниот договор за административните и судските службеници беше најавен во март годинава, но и по седум месеци преговорите меѓу социјалните партнери сеуште траат. Синдикатот на УПОЗ и Министерството за информатичко општество и администрација, кои ги водат преговорите, се со став дека работните групи интензивно работат, но не прецизираат кога ќе се официјализира колективниот договор.

Од Синдикатот на УПОЗ велат дека преговорите се во напредна фаза и според нивните проценки најоптимистичката варијанта е дека колективниот договор би можел да се потпише за околу еден месец.

– На првите контакти со министерот за информатичко општество и администрација и министерот за правда како приоритетно прашање го поставивме потпишувањето на колективниот договор за административните и судските службеници, бидејќи од 1995 година не е потпишан колективен договор за овие дејности и во праксата се применуваат одредбите од договорот што беше потпишан во 95-та година. Во меѓувреме имаше многу законски измени и мислам дека некои решенија веќе не соодвејствуваат со времето во кое живееме и законската регулатива. Од тие причини сега треба неодложно и брзо да го потпишеме колективниот договор. Владата и двајца министри покажаа разбирање и стапивме во преговори, формиравме работни групи и можам да кажам дека потпишувањето на колективниот договор е во напредна фаза. Работните групи досега одржаа два состаноци и повеќе од 60- 70 проценти од текстот на колективниот договор е обработен, вели претседателот на Синдикатот на УПОЗ Пеце Грујовски за МИА.

И од Министерството за информатичко општество и администрација потврдуваат дека веќе се работи на Нацрт-текстот доставен од Синдикатот на УПОЗ и оти работните групи имаат одржано два состанока, а во текот на оваа недела се планира уште еден состанок.

– Од двете страни постои согласност за важноста од креирање на грански колективен договор. И двете работни групи активно работат на усогласување на точките и проблематиката што овој договор треба да ја регулира, посочуваат од ресорното Министерство.

Дел од прашањата за кои работните групи од МИОА И УПОЗ треба да најдат заедничко прифатливо решение се и правото на јубилејни награди, прекувремената работа, сменската работа и 13-тата плата….

Преговорите за К-15 се уште траат

Едно од барањата на синдикатот на УПОЗ е регресот за годишен одмор или попознат како К-15 да биде дел од колективниот договор. Оттаму потврдуваат дека остануваат на ова нивно барање и оти имаат аргументи кои одат во прилог на тоа.

– Нашиот колективен договор не е список на наши желби, туку список со реални потреби и секое наше барање го браниме со аргументи, велат од Синдикатот на УПОЗ.

Расположение да се реши ова прашање има и кај Министерството за информатичко општество и администрација, но последниот збор ќе треба да го каже Министерството за финансии бидејќи исполнувањето на едно вакво барање ќе предизвика финансиски импликации врз Буџетот.

– Во однос на барањето на К-15 и 13-та плата, договорено беше на следниот состанок закажан за крајот на месецот, Министерството за финансии да презентира план за фискалните импликации и буџетската можност за реализирање на овие две барања, истакнуваат од МИОА.

Она што е познато е дека во ребалансот на Буџетот не се предвидени средства за оваа намена, а Буџетот за 2019 година е се уште во подготовка така што произлегува дека преговорите за ова прашање засега остануваат отворени.

Дали административните службеници конечно ќе добијат поголеми права во поглед на регресот на годишен одмор, јубилејните награди, прекувремената работа и сменската работа, останува да се види. Од Синдикатот се надеваат дека ќе направат добар колективен договор со што ќе бидат унапредени правата на работниците.

Билјана Анастасова – Костиќ/МИА