Македонија
12. April 2019 - 16:10

Упатството за работата на полицијата за избори достапно преку апликација

Полициските службеници и по електронски пат ќе можат да се обучуваат за нивната улога за време на изборите. Во Центарот за обука Идризово беше промовирана апликацијата за паметни телефони, во врска со полициското постапување за време на претстојните претседателски избори.

Апликацијата се однесува на законската регулатива, а пристап до неа ќе имаат и граѓаните.

Проектот преку кој полицијата има можност по електронски пат да се обучува се спроведува во соработка со ОБСЕ. Шефот на мисијата ги посочи предностите на ваквот пристап, дополнувајќи дека електронската платформа за обука ќе овозможи создавање на модерна полициска служба.

“Предностите на е-учењето овозможуваат намалување на трошоците за обука, флексибилност, ефикасност и намалување на времето за обуки. Денеска промовираме мобилна апликација која треба да им помогне на полициските службеници за спроведување на нивната важна улога во обезбедување ред и стабилност за време на изборите”.

Мобилната апликација „Улогата на полицијата за време на избори“ е достапна на интернет-страницата на Министерството за внатрешни работи.