Бизнис
24. April 2016 - 13:02

Упатство од АХВ за биосигурносни мерки за спречување на ширењето на Чвореста кожа кај говедата

Упатството за преземање на биосигурносни мерки на одгледувалиште/фарма, со цел да се спречи ширењето на болеста Чвореста кожа кај говедата која се појави и во Република Македонија. Упатството го подготви Агенцијата за храна и ветеринарство и истото е препратено до ветеринарните друштва и болници и до сточарите.

Упатството може да се преземе и од интернет страната на Агенцијата за храна и ветеринарство www. fva.gov.mk.

Упатство за примена на биосигурносни мерки на одгледувалиште, заштита на животните од убоди од инсекти и безбедно користење на ѓубриво од животинско потекло

Со цел да се спречи влез и ширење на болести и штетници кои може да предизвикаат големи економски штети во сточарството, намалена продуктивност на животните и дополнителни трошоци за нивно сузбивање и искоренување, но и да не се нарушува угледот на фармите и да не се изгуби довербата на потрошувачите која може да доведе до намалена продажбата, Агенцијата за храна и ветеринарство им препорачува на сточарите преземање на сет од мерки (биосигурносни мерки) кои треба да се применуваат на одгледувалиштето/фармата. Биосигурноста е одговорност на сопственикот (тој треба да направи план за нивно спроведување и истиот да го имплементира), на вработените и на посетителите на одгледувалиштето/фармата.

Биосигурносните мерки се однесуваат на спроведување на добра хигиенска пракса на одгледувалиштето / фармата. Секој одгледувач на животни треба да обезбеди:

Одгледувалиштето/фармата да има само еден влез и еден излез,

Да се постави знак за предупредување /забранет влез/,

Да се врши дезинфекција на чевли и раце при влез и излез од одгледувалиштето/фармата,

Да се постават дезинфекциони бариери на влезот и излезот на одгледувалиштето/фармата како и на влезот и излезот на секој објект,

Да се користи заштитна облека при работа која треба редовно да се чисти и дезинфицира,

Да се изолираат во карантин сите ново набавени животни,

Да се изолираат болните животни (да се одвојат од здравите животни, по можност во посебна просторија),

Работниците кои работат со болни животни да немаат пристап до здравите животни на фармата,

Редовно да се чисти изметот од објектите, соодветно да се отстранува и пакува,

Да се води евиденција на здравствената состојба на животните (временски период на појава на болеста, број на заболени и угинати животни),

Да се врши контрола на храната за работниците на одгледувалиштето/фармата, најдобро е фармата да обезбеди храна за да се избегне внесување на храна од непознато потекло,

Да им се издаде забрана на работниците за одгледување на животни од ист вид со тие на одгледувалиштето/фармата,

Да им се издаде забрана на работниците за лов.

Исклучително важно е да се врши контрола на движење (влез) на животни на одгледувалиштето/фармата, движење во кругот на одгледувалиштето/фармата како и излез надвор од одгледувалиштето/фармата.

Да се води евиденција и ажурирање на бројот на животни на одгледувалиштето/фармата ,

Да се води евиденција на движењето на животните во објектите на одгледувалиштето/фармата,

Да се води евиденција на сите новопристигнати животни- (идентификациона ознака, потекло, датум на пристигнување),

Да се изолираат во карантин сите новопристигнати животни во траење од >14 дена за говедата,

Да се набавуваат само животни со познат здравствен статус кои поседуваат сертификат за здравствена состојба,

Доколку животните (говедата) се носат на сточен пазар при враќање да се држат изолирано од другите животни во траење од > 14 дена ,

Да се води евиденција на секое движење на животни надвор од одгледувалиштето/фармата (датум на излез и дестинација),

Да се спречи влез на диви и други животни на фармата (да се постави соодветна ограда)

Да се ограничи движењето на кучињата и мачките на одгледувалиштето/фармата,

Да се води евиденција за угинатите животни и да се врши соодветно отстранување на/од одгледувалиштето/фармата.

Неопходно е да се воведе и контрола на движење на луѓе на фармата, движење во кругот на фармата како и излез надвор од фармата со преземање на следните мерки:

Воведување на евиденција на посетителите на одгледувалиштето/фармата (датум на посета, адреса на живеење, професија, контакт со животни)

Да се ограничи движењето на посетителите на одгледувалиштето/фармата-движење само со придружба на овластено лице

Да се користи заштитна опрема и дезинфекција при посета на одгледувалиштето/фармата

Да се контролира движењето на работниците на одгледувалиштето/фармата (еден работник да опслужува еден објект со животни, да нема движење на работници од чистиот кон нечистиот дел на фармата)

Да се издаде забрана за работниците за контакт со други животни надвор од одгледувалиштето/фармата.

Дел од биосигурносните мерки кои треба да се воспостават на одгледувалиштето/фармата е и воспоставување на контрола на движење на возила и опрема при влез, во кругот на фармата и при излез од фармата со преземање на следните мерки:

Водење на евиденција на влез и излез на возила за дотур на храна, вода, животни, ѓубриво и други материјали,

Задолжителна дезинфекција на возилата при влез и излез од одгледувалиштето/фармата.

Исклучително важна е и контролата на храната и водата за животните

Да се набавува хигиенски исправна храна и вода само од сигурни извори,

Храната и водата правилно да се складираат и чуваат на одгледувалиштето/фармата.

Неминовно е да се спречи влез и размножување на глодари и инсекти преку спроведување на ефикасна програма за дезинфекција, дезинсекција и дератизација со следните мерки:

Поставување на соодветна ограда на целата површина на одгледувалиштето/фармата која треба да биде вкопана во земја најмалку 50 сантиметри,

Да се постават мрежи на прозорците, вратите, отворите за вентилација,

Да се употребат ефикасни средства за уништување на глодарите и инсектите.

Животните треба да се заштитат од убоди од инсекти

Да се користат средства против инсекти (репеленти) кои што се регистрирани во Република Македонија, согласно упатството на производителот и по можност да немаат каренца за млекото и месото,

Да се постават мрежи на отворите на објектите за животни (прозорците и вратите),

Животните да се држат затворени во штала која има заштита од влез на инсекти и која редовно се третира со инсектицид во периодот кога инсектите се најактивни односно од 19:00 часот навечер до 08:00 часот наутро.

Безбедно користење на ѓубриво од животинско потекло 
Ѓубрето од животинско потекло ги привлекува инсектите (муви, комарци, мушички и други инсекти) кои многу често играат улога на вектори - преносители на одредени заразни болести кај животните и луѓето. Инсектите се хранат со органските материи од ѓубрето, во него ги положуваат јајцата (ларвите) и се размножуваат. Колку е поголемо количеството на ѓубре од животинско потекло толку е поголем и бројот на инсекти а со тоа и опасноста од појава на заразни болести.

Предизвикувачите на болести (вируси, бактерии, паразити) може да се размножуваат и да се одржат во живот во векторите при неповолни услови (во текот на зимата), или пак векторите може да го пренесат предизвикувачот механички, од животно на животно како на пример предизвикувачот на болеста на чвореста кожа.

Одредени инсекти, самостојно или со помош на ветерот, може да поминат поголемо растојание (2-100 километри) и на тој начин да ја пренесат болеста далеку од местото каде што таа се појавила.

За да се спречи размножувањето и презимувањето на ларвите во изметот од животните потребно е истиот соодветно да се обработи и да се компостира бидејќи притоа се развива температура која со сигурност ги уништува ларвите. Ѓубривото кое што се добива на тој начин може да се користи за наѓубрување на земјоделските површини.

Одгледувачите на животни треба редовно (секој ден) да го чистат изметот од животните, да го собираат на куп, подалеку од објектот за животни или од местото каде што престојуваат животните и да го покријат со пластична фолија. 

За уништување на ларвите пожелно е да се врши дезинсекција на ѓурето со ларвицидни средства, по можност органски, кои што се регистрирани во Република Македонија.
Важно е да се отстранат сите предмети каде што се собира и се задржува вода бидејќи застојаната вода создава поволни услови за размножување на инсектите.