Македонија
4. May 2017 - 16:29

Универзитетот за туризам и менаџмент очекува отворање на правни студии

Универзитетот за туризам и менаџмент очекува зелено светло за почнување со работа на факултет за правни науки.

Се надеваат на позитивна одлука од Одборот за акредитација. Велат има расположение кај професорите како и интерес кај студенти за студирање на правен факултет.

Александар Даштевски кој е професор на Универзитетот, вели дека минатата година им било укажано да направат дополнување на елаборатот, што од нивна страна е завршено пред три месеци.

-Очекуваме позитивна одлука. Со овој факултет ќе заокружиме една целина бидејќи сега веќе има 5 факултети и ова ќе значи големо унапредување и понуда за матурантите, вели Александар Даштевски, професор на Универзитет за туризам и менаџмент.

Во елаборатот навеле дека годишно планираат 20 студенти на правни студии.

Покрај отворање на правен факултет, од Унивезитетот очекуваат и акредитација за постдипломски студии по меѓународни односи и дипломатија.