Бизнис
7. November 2020 - 16:37

Универзална ќе се реконструира со 2 милиони евра

Повторно концерти во Универзална сала следната година. Скопскиот градоначалник ја најави реконструкцијата на постоечкиот објект, за што со ребалансот се обезбедени скоро 2 милиони евра. Очекува дека следната концертна сезона скопјани повторно ќе уживаат во Универзална.

Универзалната сала е изградена постземјотресно со финансиска помош од многу држави и претставува симбол за обновата на Скопје и на човековата солидарност. Според министерката за култура, имаме долг да се грижиме за овој подарок.

Универзална веќе пет и пол години е целосно затворена, бидејќи буквално почна да се распаѓа. Првичниот план на градските власти беше да се сруши и на местото на посточкиот да се изгради нов објект. Но, по бурните реакции на јавноста, планот се смени и сега истата сала ќе се реконструира.

Сепак, Шилегов смета дека Универзална не ги задоволува потребите на граѓаните на среден и долг рок. Па, не се откажува од идејата за нова поголема концертна сала на друга локација, за чија изградба се прават напори да се обезбедат пари веќе во буџетот за идната година.