Балкан
28. July 2017 - 9:20

Уништување на српските малини

Како во 2017 година црвеното злато ја загуби вредноста

Блиц – Белград

Оваа година беше погубна за српските малини. Неповолните климатски услови, екстремно студената зима, жешкото лето, градот и снегот го преполовија родот на црвеното злато, а ниската откупна цена ќе ги испразни џебовите на производителите кои тврдат дека со 135 динари за килограм не можат да ги покријат трошоците и ангажирањето на работниците.

Се стекнува впечаток дека главниот профит го остваруваат тие со ладилници, но тие велат дека нема јасни договори со странски откупувачи па повисока цена би била огромен ризик за нив.

Факт е дека српската малина доживеа врв во откупот од 2008 до 2011 година кога за килограм се плаќаше од 2,20 до 2,80 евра.

- Тогаш првите странски купувачи дојдоа директно во Србија и ние првпат добивме меродавна цена за нашата малина. Тогаш повторно имаше помал пад на цената, лани се плаќаше од 230 до 250 динари за килограм, а ова сега е тотално понижување за секој производител на малини во Србија, вели претседателот на Асоцијацијата на малинари во Србија, Добривоје Радовиќ.

Ако се земе предвид дека лани беа произведени 83.000 тони малини во Србија, а оваа година родот нема да биде над 55.000 тони, се поставува прашањето што го услови падот на цената во откупот. Малинарите тврдат дека во прашање е увозот кој не само што ја намалува цената туку и квалитетот на српските сорти виламет и микер, кои според квалитетот се врвни на светскиот пазар.

- Се увезуваа малини кои не се ни со приближен квалитет како нашите и потоа се мешаа, на пример, полка со нашите сорти, така го изгубивме квалитетот. Сега, веројатно, со ниската цена ладилничарите се обидуваат повторно да станат конкурентни на светскиот пазар, да ја вратат довербата кај откупувачите кои ги изгубија, а се се фрла на грбот на производителите, вели Радовиќ.

Тој додаде дека на пазарот во Србија владејат монополисти, а најдобар доказ е споредбата со Европа, каде цената може да варира до половина процент, а кај нас и до 50 отсто.

Радовиќ истакна дека „околу четири милиони луѓе во Србија живеарт директно или индиректно од производство на малини па така со оваа цена многумина гладни ќе ја дочекаат зимата”.

Санел Диздаревиќ од Пријепоље одгледува малини на површина од пет хектари и вели дека инвестицијата е околу 140 динари по килограм, така со моментната цена не можат да се покријат ни трошоците.

- Оваа година е катастрофална, временските непогоди условуваат поголемо ангажирање околу малините, а со самото тоа и поголеми инвестиции. Во нормални услови, на пример, малининте се прскаат три до четири пати, а сега за да ги заштитиме ги третиравме и до седум осум пати. На сите тие инвестиции додадете и работна рака и ќе видите каде е производителот во оваа приказна. Нам во Пријепоље малините ни се единствен извор на приходи. Се застана, фабриките не работат, стопанството е мртво, околу 6.000 луѓе покренаа одгледување на малини и еве што ни се случува, вели Санел, кој по занимање е дипомиран инжинер по електротехника, но се вратил на село со надеж дека од земјоделство ќе може да оствари приходи за живот. 

Сите очи на малинарите се вперени во претседателот на државата Александар Вучиќ. Велат дека тој е „глава на куќата”, па се надеваат дека ќе посредува во преговорите со ладилничарите за да се постигне бараната цена од 1,80 евра за килограм.

По тој повод претставниците на малинарите од цела Србија се упатија во неделата во Белград да бараат помош од претседателот на Србија. Ако не ја добијат, од денес најавуваат штрајк со глад.