Свет
8. September 2015 - 14:10

УНХЦР: На Европа и треба систем за гарантирано преселување на сириските бегалци

Европа треба да предложи гарантирано преселување на сириските бегалци, бидејќи рекорден број луѓе се собираат во Македонија и Грција, поради проблемите во татковината и во соседните држави, објави денеска Високиот комесаријат на ОН за бегалците.

„Рекордни седум илјади сириски бегалци пристигнаа во Македонија вчера, а околу 30.000 се наоѓаат на грчките острови, вклучувајќи 20.000 на островот Лезбос“, соопшти УНХЦР

- Дискусиите во Европа оваа недела стекнуваат уште поитен карактер, бидејќи е очигледно дека не може да има германско решение на европски проблем, изјави портпаролката на Високиот комесаријат за бегалци на ОН Мелиса Флеминг на прес-конференција во Женева.

Таа ги поздрави поединечни предлози на Велика Британија и Франција да прифатат сириски бегалци, но посочи дека прифатни центри треба да бидат изградени во земји како Унгарија и Грција.

- Тие ќе можат да работат само ако има систем за гарантирано преселување, при што европските држави ќе кажат „Да“, ќе прифатиме „ Х“ број бегалци. Ние сметаме дека системот треба да биде за 200.000 луѓе - толку мислиме дека ќе имаат потреба од преселување во европски држави, рече Флеминг.