Свет
21. September 2015 - 13:34

Унгарија преку либанските медиуми апелира до мигрантите да не доаѓаат на нејзина територија

Унгарската Влада денеска објави оглас во либанскиот печат предупредувајќи ги мигрантите да не влегуваат нелегално на унгарска територија, нагласувајќи дека тоа претставува криминално дело за кое следува казна затвор. 

Во огласот на цела страница, објавен во неколку весници, вклучувајќи го и водечкиот либански весник „Нахар“, унгарската Влада посочува дека „се преземени најсериозно можно мерки против лицата, кои ќе се обидат нелегално да влезат во Унгарија“.

- Не ги слушајте трговците со луѓе. Унгарија нема да им дозволи на нелегалните имигранти да преминат преку нејзината територија, се наведува во известувањето, кое е објавено на англиски и арапски јазик. 

Во Либан има околу 1,2 милиони сириски бегалци, од кои некои пројавиле интерес да мигрираат во Европа поради намалената хуманитарна помош и можностите за пронаоѓање работа.